Во Камбоџа е регистриран првиот смртен случај од коронавирус, една година по избувнувањето на пандемијата, а се работи за 50-годишен маж кој бил заразен минатиот месец и работел како возач во кинеска компанија во крајбрежната провинција Сихануквил.
Во Камбоџа досега се регистрирани само 1.163 случаи на коронавирус, но земјата се бори со нова локална епидемија во која се заразени неколку стотици луѓе.
Според Министерството за здравство, новата епидемија започнала со странски студент кој ја прекршил мерката за карантин и на почетокот на февруари го напуштил хотелот и отишол во ноќен клуб. Тоа предизвика нови случаи на зараза по што Владата на 20 февруари прогласи двонеделно затворање на сите училишта, кина, барови и забавни институции во Пном Пен.
Оттогаш, камбоџанската Влада го продолжи затворањето за уште две недели за училишта, спортски сали, концертни сали, музеи и други објекти за забава во главниот град, но исто така и во блиската провинција Кандал и провинцијата Сихануквил.
Министерството за здравство денеска соопшти дека се пријавени 39 случаи на локално пренесување на вирусот.
Како што расте епидемијата, еден луксузен хотел во главниот град е претворен во ковид-болница со 500 соби, а властите спроведуваат нов закон со кој се изрекуваат кривични казни за кршење на здравствените правила.
Земјата почна кампања за вакцинација во февруари со 600.000 дози на кинеската вакцина Синофарм. Исто така, овој месец доби 324.000 дози од вакцината АстраЗенека, донирана и произведена од Индија.(МИА)