Американскиот Центар за превенција и контрола на болести (ЦДЦ) објави упатства со најдобри практики за Американците кои се целосно имунизирани против коронавирусот.
Според упатствата, оние кои ги примиле потребните дози вакцина можат да престојуваат во затворен простор со други целосно имунизирани лица, без маски или физичко растојание.
Покрај тоа, оние кои се целосно вакцинирани можат безбедно да престојуваат во затворен простор со невакцинирани лица од исто домаќинство без маски. Американските медиуми посочуваат дека тоа веројатно посебно ќе им значи на постарите Американци, бидејќи многу од нив се веќе имунизирани, но се уште не можат да се видат со своите роднини поради пандемијата на коронавирус.
Препораките беа издадени по неколкудневно одложување минатата недела. Тие покажуваат дека вакцинираните имаат некои привилегии.
Според ЦДЦ, за целосно имунизирани се сметаат оние кај кои минале две седмици од примањето на втората доза од вакцината. Бидејќи вакцината Џонсон и Џонсон е единечна доза, се смета дека целосна заштита е постигната две недели по вакцинацијата.
Во последната недела, САД администрираат во просек 2,2 милиони дози вакцина против коронавирус дневно.