Околу 60 милиони денари се вложени во активни инвестиции во образовната инфраструктура во Прилеп, нагласи министерката за образование и наука Мила Царовска. Таа денеска ги посети гимназијата „Мирче Ацев“ каде се реконструира училишната зграда и основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“ каде вои тек е изградбата на спортска сала.
Според Царовска, Прилеп е една од општините која се наоѓа на инвестициската агенда на Министерството за образование и наука и тековните инвестиции кои треба да завршат наредниве месеци нема да бидат последни, зашто буџетот наменет за унапредување на образовната инфраструктура постојано расте, а Владата одвојува сé повеќе средства транспарентно и подеднакво се распределуваат на сите општини.
-Изградбата на спортската сала во состав на основното училиште „Кире Гавриловски Јане“, објект со површина од 650 квадратни метри за кој се издвоени 24,5 милиони денари е започната во текот на месец февруари, а на радост на над 900-тини ученици од ова училиште, салата ќе биде готова во последното тримесечје од тековната календарска година. Другата активна инвестиција е во гимназијата „Мирче Ацев“, каде досега е променета и обновена покривната конструкција, а во моментов се работи на замена на фасадата, на прозорците и на подовите, се поставува лифт и се изведуваат тоалети за ученици со попреченост. Вкупната вредност на проектот е околу 37,6 милиони денари, а ќе се заокружи во февруари 2022 година со што ќе добиеме целосно реконструиран и современ училишен објект за непречено следење настава и нормални услови за работа на наставниците, рече министерката.
Царовска потенцираше дека за актуелната Влада унапредувањето на состојбите и воопшто на квалитетот на националниот образовен систем од сите можни аспекти е еден од повисоките приоритети.
-Годинава имаме 1 милијарда денари кои се наменети за подобрување на инфраструктурните услови, што споредбено со ланските средства е зголемување за 2,5 пати. Тие средства се распределуваат транспарентно, согласно јасно утврдени критериуми и повици на кои училиштата аплицираат со проекти“, потенцираше Царовска додавајќи дека МОН продолжува да води политика на рамномерен развој и еднаков третман кон сите општини без разлика дали се урбани или рурални, затоа што, како што рече, секаде живеат дечиња кои се еднакви и имаат право на еднаков пристап до квалитетно образование и образовни можности.
Директорот на прилепската гимназија Диме Настески најави дека со средства од локалната самоуправа и од Министерството за животната средина ќе се гради нова котларница, прва во Прилеп на гас и на нафта, а се обезбедени средства од локалниот буџет за целосна реконструкција на водоводната и одводната мрежа. Настески потврди дека, поради реконструктивните зафати, одобрено е од Министерството за образование наставата во гимназијата да почне он-лајн, а по шеесетина дена да премине со физичко присуство.
-Во договор со Министерството и со локалната самоуправа поради обемните моментални рекоструктивни зафати, почетокот на наставата првите месец-два во гимназијата ќе биде он-лајн. Оваа наша иницијатива е поддржана и од Советот на родители и од Училишниот одбор. Штом ќе завршат обемните работи, ќе продолжиме со наставата со физичко присуство, рече Настески.