Министерката за образование и наука, Мила Царовска денеска го посети основното училиште „Дане Крапчев“ во општина Гази Баба. Царовска истакна дека во соработка со локалните самоуправи, раководствата на училиштата, граѓанските организации и странските партнерски организации како УНИЦЕФ, УСАИД, Светска банка и други активно работеле на подготовка на училиштата за прием на учениците.
– Се работеше и на непречена реализација на наставата која нема да биде само на едно оптимално ниво, туку на доволно квалитетно ниво за да се почувствуваат придобивките од новата концепција за основно образование, додаде Царовска.
Директорката на училиштето, Виолета Стоилевска изјави дека се подготвени за почетокот на новата учебна година со физичко присуство. Таа соопшти дека се обезбедени сите дидактички материјали што се потребни на наставниот кадар.
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Борис Георгиевски информираше дека сите 11 основни училишта во Општината навремено се подготвени за почетокот на учебната година, без разлика во кој модел ќе се одвива наставата.
– Подготвени сме да гарантираме безбеден престој и настава на учениците со физичко присуство, но подготвени сме и за комбинираниот модел или модел на онлајн настава, додава тој.
Георгиевски информираше дека голем процент од наставниот кадар во училиштата од Општина Гази Баба се вакцинирани, што според негој дава дополнителна сигурност за безбеден тек на наставата.
– Обезбедени се доволен број на смарт уреди за социјално ранливите семејства. Општина Гази Баба и оваа година од својот Буџет одвои 15 милиони денари за поддршка на капиталните проекти во основните училишта, истакна Георгиевски.
Наставничката Гордана Павлова од основното училиште „Дане Крапчев“, која предава во четврто одделение ќе реализира настава по новиот концепт за образование. Таа истакна дека училиштето е подготвено за почеток на новата учебна година, а ако има потреба подготвени се и за комбиниран модел на настава.
– Правилата и протоколите за однесување во училиште и училница веќе им се познати на учениците, бидејќи минатата година успешно ги спроведовме без последици. Ние наставниците од четврто одделение поминавме обука за реализација на новата програма и подготвени сме за почеток на наставата. Изготвени се годишните програми, тематските планирања, додава таа.
Министерката Царовска апелираше на највисока одговорност од сите засегнати во образовниот систем. Таа посочи дека најважно е да се биде одговорен, бидејќи наставата и оваа година се организира во услови на пандемија, но Министерството е подготвено за брза транзиција кон друг модел и непречено одвивање на образовниот процес.