Невистина е дека сексуалното образование се воведува во второ одделение, туку ќе биде изборен предмет во деветто одделение, објасни вечерва министерката за образование и наука, Мила Царовска во интервјуто за Канал 5.

Царовска тврди дека наставниците кои ќе ги предаваат темите од сексуално образование ќе поминат соодветна обука.

„Во моментов се држи интензивна обука во четири пилот училишта каде што треба да се воведе од наредна година пилотирање на изборен предмет сексуално образование, во 9. одделение. Сите анкети покажуваат дека и родителите, и учениците, и наставниците имаат потреба од овие теми во образовниот систем во погорните одделенија. И така е поставен концептот“, смета Царовска.

Таа вели дека поради неукост на родителите или социјални стеги голем дел од учениците ни дома не можат да дискутираат на такви теми.

„Има млади луѓе коишто се жртви на сексуално насилство од свои врсници и тоа никој не го превенира. Затоа што не се зборува. На сторителот на насилство најмногу му одговара да не се дискутира на овие теми. Ништо да не се зборува. Кога немате знаење, немате како да кажете ’не’“, рече Царовска.

Според неа, токму во училиштето младите луѓе во пубертет треба да добијат вистински знаења за сексуално репродуктивно здравје, за род и еднаквост, за тело и слика за себе, за насилство, за врски и односи.