Важно е креаторите на политики и оние кои носат одлуки, да го слушнат гласот на младите. Но, анализите покажуваат дека младите се чувствуваат обесхрабрени затоа што не веруваат дека на властите им е важно нивното мислење. Токму тоа е еден од приоритетите со реформите што ги правиме во образованието, да ја поттикнеме гласноста на учениците, и таа да биде заснована на критичко размислување и носење на заклучоци врз основа на анализа на факти, рече министерката за образование и наука Мила Царовска.
Министерката денеска на настанот „Остани гласен/а! Твоето мислење е важно“ организиран од УНИЦЕФ, посочи дека младите гледаат на светот на поинаков начин и од различна перспектива од возрасните.
Како што напомена, целта е да ја зајакнат самодовербата на младите, да ги научат да се борат за своите права од најмала возраст, и со тоа заеднички да придонесат за создавање и градење на подобро општество за сите нас.
-Мора да ја промениме сликата на млади кои се незаинтересирани за општествените случувања, дури и кога се однесуваат директно за нив. Затоа сме фокусирани на крупни промени во образованието, како најдобар механизам преку кој се влијае на начинот на размислување и однесување на младите, нагласи Царовска.
Министерката на денешниот настан укажа на личната заложба за формирање на работната група МЛАДИ-МОН, која ги дискутира сите политики, мерки и процеси кои се однесуваат на младите, образованието и младинскиот стандард.
Посочи дека младите најдобро знаат што им е потребно, и затоа, како што додаде, Министерството за образование и наука е отворено за нивните иницијативи, идеи и предлози.