Ова е прва Влада која покажува дека интересот на ученикот е пред сечиј друг и дека децата се нашата иднина. Политичката партија која владееше 12 години постојано наоѓаше изговори зошто да не се подобри, модернизира, осовремени образованието. Веројатно тоа на некого му одговарало. Затоа нашите деца денеска на меѓународните тестирања се најдолу на листите и тоа е поразително за нашата држава, изјави министерката Мила Царовска.
Одговарајќи на новинарски прашања при денешната посета на ООУ „Исмаил Ќемали“ во Чаир, Царовска истакна дека остваруваат се што ветиле иако имало недоверба, како што биле сомневањата дека од октомври ќе се реализира онлајн-наставата која, како што рече, почна и успешно се одвива, и дека нема да бидат, а веќе се донесени новите наставни програми и се пријавени квалитетни автори. Рече и дека учебната година ќе биде заокружена со успешно спроведување на државната матура.
Во врска со забелешки за реформите на МОН, нагласи дека искажувањето сопствени мислења е демократско право што таа го почитува и се бори за тоа и сега кога е министерка и дека се зема предвид секоја конструктивна забелешка, а законските решенија се отворени за коментари од јавноста. Според неа, образовните политики на МОН имаат голема поддршка.
– Поддршката е огромна. Но сакам да апелирам партиските тесни, лични интереси да се тргнат настрана од образованието. Во моментов може да се види дека имаме опозиција којашто не само што не знаела што да прави со образованието во времето кога владеела, а тоа е 12 години, туку и денеска апсурдно повикува на бојкот на нешто коешто значи современо образование. Затоа што дигитализацијата не зависи од нашата држава, дигитализацијата зависи од светот кој интензивно ги припрема своите деца да живеат и работат во 21 век. Токму затоа дигитализацијата е нужна и неопходна и тоа го видовме во времето на пандемија, изјави Царовска.
Повтори дека дигитализираните учебници од наредната учебна година ќе бидат воведени само во четврто одделение, а сите останати продолжуваат да работат по сегашниот модел. Притоа апелираше да не се шират лажни вести со кои во заблуда се ставаат родителите, учениците, наставниците.
– Сето тоа светот го докажал како добра пракса. Ние ќе го тестираме во четврто одделение и ќе покажеме дека тоа е начинот на којшто понатаму треба да го водиме образованието, додаде Царовска.