Образованието е клучен столб во градењето на општество кое се темели на граѓанските вредности. Новата Концепција за основно образование која ќе се имплементира во следните 5-6 години за првпат ги поставува инклузивноста, родовата рамноправност и интеркултурноста како клучни принципи кои директно се поврзани со Националните стандарди за образование. На овој начин го јакнеме мултикултурализмот, почитувањето на различностите и создавањето на едно општество за сите, истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на панел дискусијата на тема „Недискриминација и мултикултурализам во училиштата“ во организација на Цивил.
Таа нагласи дека сите биле сведоци дека со години се објавуваа дискриминирачки содржини во учебници.
– Денеска водиме дебата за тоа каква форма на учебници треба да имаме, притоа зборувајќи за законско решение кое експлицитно преку повеќе филтри превенира влез на вакви содржини во учебниците и воопшто во дидактичките материјали, рече Царовска.
Министерката информираше дека веќе две учебника кои имаат дискриминаторна содржина се повлечени од употреба и дека тоа е покажување на системска волја нешто да се смени. Согласно новата Концепција, како што рече, за основно образование, како ќе се изработуваат новите наставни програми, така ќе се отпочнуваат и постапки за изработка на нови учебници.
– Не е дозволиво да се носат закони за дискрминиција и инклузивност, а во реалноста има дискриминаторни содржини во училиштата, содржини кои навредуваат и директно да се создава атмосфера на незадоволство, рече Царовска, потенцирајќи дека работите интензивно почнуваат да се менуваат.