Нема потреба од ширење паника и неточни информации зашто МОН и Министерството за здравство дневно ја следат состојбата и доколку добиеме препорака за промена, во истиот момент ќе бидеме спремни да промениме се што ќе ни биде кажано, изјави денеска министерката Мила Царовска, повторувајќи дека од 1 септември училиштата ќе бидат отворени за сите ученици и дека тоа е прво и најпосакувано од трите сценарија за почеток на новата учебна година.
Во одговор на прашање дали ќе се ревидира одлуката поради континуираниот пораст на новозаразени со коронавирус, таа рече дека се следат препораките од здравствените власти и одлуката на Владата и Главниот кризен штаб, а моделот на настава ќе се смени ако Комисијата за заразни болести утврди да има потреба.
Второто сценарио е хибриден модел – наизменично една недела едни ученици во училница, а половина од паралелката – онлајн и третиот модел, како лани – физичко присуство за една група ученици, а за друга во континуитет наставата да биде на далечина.