Нема дискусии во однос на моделот на наставата. Комисијата за заразни болести е таа која одлучува за моделот за одвивање на наставата, изјави денеска во Пробиштип министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа потврди дека денеска ќе има средба со директорите на средните училишта во државата, а тема на разговор ќе биде стартот на учебната година, а не моделот на наставата.
–Јас имам во континуитет средби со сите директори. Во однос на менување на моделот нема таква дискусија заради тоа што од локалниот Координативен штаб на Тетово пристигна барањето за преминување на онлајн настава за две недели настава, при што Комисијата за заразни болести утврдува дали одреден модел се менува или не. Комисијата за заразни болести како што се изјасни министерот за здравство утврди дека може да одат со онлајн настава, само заради оптеретувањето на болницата, не заради други параметри што укажува на тоа дека денеска нема да се дискутира за промена на моделот во средните училишта, туку за почетокот на учебната година, рече Царовска, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на ООУ „Никола Карев“ во Пробиштип.
Запрашана кој е нејзиниот став по однос на наставата во средните училишта Царовска децидна дека одлуките за наставта се носат на Влада со параметри, а не на лични ставови.
– Нема ставови на министри. Се останато кое што ви го презентирам е став на Влада донесен врз основа на аргументи и препораки на Комисијата за заразни болести. Се останато кое што се шпекулира не оди во прилог ниту на учењето, ниту на учениците, ниту на државата, рече Царовска.
Министерката за образование во однос на протоколите посочи дека тие се објавени многу одамна и се достапни за сите оние коишто сакаат да ги прочитаат – и наставници, и директори, и ученици и родители и медиуми.
-Јасно е пропишана дезинфекција, маски и исто така користењето на училишната сала и училишните мензи. Ќе ве замолам за деталите јасно кажани таму да ги видите и да ги презентирате на јавноста. Значајно е дека вентилирањето на самите училници е забрането да се случува со уреди, туку треба да има отворени прозори, отворени врати. Учениците во текот на одморот може да излезат надвор за да може да ги извадат маските, но со престојот во училница треба да има постојана дезинфекција на површините, постојано дезинфекција на рацете и одржување на маските на лицето во континуитет, рече Царовска.
Таа за време на посетата на училиштето беше придружувана од Драган Анастасов градоначалник на Пробиштип, кој изјави дека 90 проценти од вработените во ова училиште се вакцинирани. Училиштето е подготвено за старт на учебната година со физизчко присуство по сите протоколи.
Учебната 2021/2022 година на 1 септември ќе почне со отворени училишта за основците и средношколците. Настава со физичко присуство со полн капацитет и примена на соодветни антиковид-протоколи препорача Главниот кризен штаб на 16 август, а одлуката наредниот ден ја донесе Владата на седница. Поради високиот број заразени со коронавирус во Тетово и Гостивар, Комисјата за заштита од заразни болести, на барање на Општина Тетово, одлучи само средните училишта во овие градови да организираат онлајн-настава во првите две недели од септември.