Концептот е подготвен од релевантни универзитетски професори и наставници кои директно се вклучени во настава и можат да ги видат предизвиците. Универзитетските професори, заеднички со наставниците, изградија визија за тоа каква концепција за учење во основно образование треба да има во нашата држава. Најрелевантни се педагозите и психолозите. Ова денеска го соопшти министерката за образование Мила Царовска на прес-конференција на која беше презентирана новата концепција за основно образование.

Одговорајќи на новинарско прашање за историја и географија да останат како засебни предмети, министерката Царовска посочи дека верува во транспарентност и додаде дека низ дискусија се носат најдобри одлуки. По денешната презентација на оваа концепција, најави почеток на јавна дебата, а документот ќе биде достапен и сите релевантни ќе можат да дадат коментар.

– Но, најважно е дека сите профили кои треба да создаваат наставни програми понатаму, како историчари, географичари, тие директно ќе можат да се пријават на конкурс за учество во подготовката на наставните програми. Тој процес, исто така, ќе го водиме транспарентно. Да нема грижа дека некој нема да биде вклучен. Сите ќе бидат вклучени, затоа што ова е значаен процес за нашата држава. Ова е значаен процес за образовниот систен, но и за економијта и иднината на државата, нагласи Царовска.

Таа додаде дека имаат дополнителни финансиски средства за обука, за подготовка на наставни програми и за подготовка на наставни материјали.

Да се спроведе исцрпна јавна расправа со активно учество на Министерството за образование и наука и на Бирото за развој на образованието и низ максимално инклузивен процес на сите засегнати страни да се дојде до најдобри решенија и висока согласност за најавениот концепт за основно образование, е заедничкиот заклучок од вчерашната седница на Владата, по презентацијата на Нацрт-концепцијата за основно образование.

Освен тоа, во заедничкиот заклучок стои дека треба да се појаснат некои од прашањата што ги имаат граѓаните, наставниците, родителите и учениците за најавената нова концепција за образование.

– Презентацијата јасно покажа дека со предлогот за наставен предмет општествени науки не се укинува наставниот предмет историја, туку содржините од него се предвидува да станат задолжителен дел од новата наставна програма, како и дека новиот концепт не предвидува намалување на бројот на наставниците по историја, географија и граѓанско образование, туку продолжуваат заеднички да ја планираат наставата, со цел учениците да добијат најдобро можно знаење на најефикасен начин, велат од Владата.