Владимир Перев
Работите со демократијата во нашата држава не врват кон добро. Таква, потполно иста е и ситуацијата со економијата и финансиите, ама тоа сите го гледаат, а некои и ги прифаќаат објаснувањата дека “такво е времето, се трудиме, ама не може повеќе…молчете, може да биде и полошо“. И сите ние молчиме.
Во политиката не е така. Сите разбираат и се прават паметни, па продаваат памет врз основа на премиси од погрешно, најчесто намерно извлечени заклучоци. Тие најчесто се однесуваат за најползуваниот мит во сите општества, митот за слободата.
Требаше да дојде еден млад човек од Охрид, Томе Блажески за да се судриме со митот за слободата, толку погрешно вкоренет во нашето општество. Суштината на митот се состои во глупоста изречена како историска научна вистина и така прокламирана; перодот од 1918 година до 1941 година е “време меѓу двете светски војни, периодот од 1941 до 1945 година е период на бугарска фашистичка окупација, а периодот по 1945 година е период на слободата“. Таа политичко-историска глупост, подигната на ниво на аксиом ја разбива името на здружението Цар Борис Трети од Охрид, вршејќи комплетна ревизија на погрешно поставените историски постулати. Вистината е дека периодот 1918-1941 година е период на најцрната окупација која македонскиот народ и сите други народи во Македонија и Југославија ја доживуваат, а вистина е и дека Цар Борис Трети, не е само Обединител, како што бугарите милуваат да го наречат, ами е вистински Ослободител од српското ропство во кое паднал македонскиот народ во периодот на кралската Југославија.
Не станува збор само за ропство и слобода, станува збор за реконструкција на цел еден период, долг колку цел еден човечки живот. Македонскиот гол националистички порив не ја дозволува промената на наративот за слобода, замолчувајќи ги на насилн начин фактите од животот. Методологијата е јасна, долго употребувана и применувана, најуспешно на нашите духовни пространства. Тоа е магичната дума “фашист“ која се калеми на секој слободномислечки човек, дума која одамна го изгубила своето вистинско значение и се претворила во карикатурална претстава за некоја личност или епоха. Сепак, не било така. Омилениот кај нас Владимир Путин, тоа зборче го дополни и со страшниот термин “нацист“, па му отвори војна на полуевреинот Зеленски за окупација на Украина, или како што вели руската солдатеска, “денацификација и ослободување на Украина“. Етикетата се претвори во војна!.
Во котелот на така зовриените страсти и погрешни предрасуди, ни криви ни должни се најдоа Томе Блажески и Цар Борис Трети. За Томе не видовме дека има фотографии со Хитлер, ама Цар Борис го видовме на неколку. Само заборавија да кажат дека такви фотографии има и британскиот премиер Невил Чемберлен, намесникот принц Павле Караѓорѓевиќ, па и половина тогавашна европска елите. Да, заборавија да кажат дека Цар Борис е роднина на британската кралица Елизабета, а неговиот син Симеон Сакскобурготски седи до неа на групната фотографија на големото семејство Кобург-Гота.
Зеленски прв ја сфати работата и при првичните нарекувања на неговата држава како фашистичка или нацистичка, веднаш се подготви за војна. Тој знаеше што значи да бидеш ослободен од комунистите, ја знаеше судбината на “ослободените“ Романија, Бугарија, Полска Чехословачка, Унгарија, па и некои, социјално ослободени, афрички и азиски земји. Мрачниот, злосторнички лик на Сталин, а сега и на Путин, се надвеснува над слободниот свет.
Кој тоа сака да ни каже дека злосторниците и пијаниците од типот на Сталин, Јаушеску, Јанош Кадар, Георги Димитров, Тодор Живков, или пак нашите Јосип Броз или Лазар Колишевски, се подобри и како луѓе и како лидери од Цар Борис Трети! Тие работи во светската историја се одамна расчистени, но заблудите за лидерите на квазикомунизмот живеат само кај нас, овде. Светот тоа го гледа, си гледа сеир и не остава да си живееме со сопствените заблуди, а силата ја концентрира на слободата на Украина. Некои “умни глави“ иронизираат дека Европа и Америка ќе се борат против Русија “до последниот украинец“, ама ако не е така, Путин ќе скија на Пиренеите и ќе пие кафе на Шанзелизе во друштво со Вучиќ. Тоа е нашата иднина…горчлива и темна! Зарем некој навистина верува дека еден магнат и филантроп од калибарот на Милен Врабески, ќе финансира фашистички здруженија низ Македонија или било каде низ светот, а за тоа пред самиот себе сѝ да не си даде сметка. Филантропите ја бранат слободата на духот, слободниот живот и ги раскинуваат веригите на духовното робство. Затоа и опстојуваат низ времето и историјата.
Шведската писателка Астрид Линдгрен, која сите ја знеме како авторка на прекрасната детска книга, покасно филмувана, “Пипи, долгиот чорап“, но малкумина знаат дека таа работела и во шведската разузнавателна служба, има свое размислување по темата Хитлер и руската слобода. Згрозена е од информациите со кои располага шведската тајна служба за злосторствата на руските војски во териториите во кои Русија навлегува за време на војната (се мисли на Финска), за групните ликвидации врз финците кои ги врши руската војска, за силувањата на финските жени и нивните понижувања, во еден момент, некаде на 18 јуни 1940 година ќе напише: “За нас шведите, една ослабена Германија може да означува само едно-дека русите ќе не стиснат за гушите. Повеќе би сакала до крајот на животот да викам “Хајл Хитлер“, отколку руснаците да дојдат кај нас. Не можам да си претставам ништо по-одвратно од тоа“.
Да ги оставиме шведите со нивните размисли за Хитлер, но ние треба да мислиме за нас. Подобро Цар Борис Трети, заедно сосе младиот Тома Блажески, отколку Путин и Сталин со своите гулази,, Георги Димитров и Тодор Живков со нивнот Белене, па и нашиот “култ“ Тито заедно со неговиот Голи Оток и казаматите низ Југославија. Затоа, подобро слободна мисла во војна, отколку заробен дух во некакво мирно време.
Не знам кого цар Борис успеал да обедини, но знам дека нас успеал да не ослободи, барем во еден краток период. Оние кои се дереа под балконот на клубот кој го носи неговото име, бараат враќање на стариот режим на затвори и прогони, режим на цензурирана мисла. Тоа денес нема да може да стане. Ова е време на подем на бугарската држава, бугарската дипломатија и бугарската филантропска идеја. Слободниот дух е излезен од бутилката во која беше затворен и сега само треба да се следат резултатите од извојуваната слобода!