Потценувачка, уценувачка и неефикасна – вака матичните лекари ја коментираат последната мерка на Владата да ги наградува оние доктори од примарното здравство кои ќе имаат 70 отсто вакцинирани пациенти против Ковид 19. Од Здружението на приватни лекари се децидни – матичните треба да лекуваат, а не да убедуваат.

„Ниеден матичен доктор, ние се консултираме, нема да направи ништо против вољата на нашите пациенти. Сметам дека ваквата одлука не е издржана, нема да може да се реализира, бидејќи не може ако имате на ниво на држава околу 38 отсто вакцинација, вие да барате секој матичен да постигне 70 проценти. Значи над 70 отсто за да добиете нешто условно. Тешко ќе се реализира, а многу бомбастично звучи. И сега дури сме ставени во ситуација да се правдаме пред пациентите дека ние такво нешто со сила нема да правиме, дека никој нема насилно никого да тера дека мора да оди да се вакцинира, дека не ја прифаќаме ваквата понижувачка понуда“, вели доктор Лилија Чолакова Девишова од Здружението на приватни лекари, за телефизија Алфа.