Германскиот Бундесвер се подготвува за голема операција за евакуација на германски државјани од Либан поради стравување од воена ескалација на Блискиот исток, јави ДПА.
За таа цел во воздухопловната база во градот Вунсторф во германската покраина Долна Саксонија се чуваат подготвени воено транспортно летало А400М и војници кои можат за кратко време да бидат испратени за помош при евакуација.
Се подготвуваат и германските поморски сили. Мисијата може да вклучува главно германски државјани кои останале во Либан и покрај постојаните повици да ја напуштат земјата.
Магазинот Шпигел објави дека транспортниот авион А400М би можел да земе германски државјани од Бејрут по неколку часа лет и да ги остави на блискиот остров Кипар, пред да лета назад за Бејрут.
Германската воена фрегата „Хамбург“, која е на пат за операција во Црвеното Море, би можела да биде пренасочена за евентуална евакуација на германски државјани по море. Бродот моментално се наоѓа јужно од брегот на Грција.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи во Берлин вчера изјави дека околу 2.100 германски државјани веќе се пријавиле на кризниот список во Либан, што е за 800 повеќе од минатата недела.