Министерот за надворешни работи, Бујар Османи преку порака на Твитер ги поддржа санкциите на САД против членот на претседателството на БиХ, Милорад Додик.

-Ја поздравуваме одлуката на Министерството за финансии на САД во врска со континуираните закани за стабилноста и територијалниот интегритет на БиХ. Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина и го осудува секој чин што ја поткопува нејзината стабилност и евроатлантската иднина, напиша Османи.

Инаку, САД воведоа нови санкции против водачот на босанските Срби, Милорад Додик, телевизиска станица под негова контрола и уште двајца функционери за „значителна корупција и дестабилизирачки активности“.

Санкциите, кои вклучуваат замрзнување на имотот и забрани за визи, следат по заканата на Додик дека ќе ги повлече Србите од босанската национална армија и другите институции на државно ниво, потенцијално уништувајќи го Дејтонскиот мировен договор од 1995 година и отворајќи го патот за враќање на конфликтот.