Министерството за надворешни работи на Република Бугарија му врачи протестна нота на привремениот раководител на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија Владимир Крстевски по повод палењето на влезната врата на клубот на КЦ Иван Михајлов во Битола, РС Македонија, соопшти бугарското МНР, пренесува Трибуна.
На вонредната средба што се одржа денеска во МНР, заменик-министерката за надворешни работи Велислава Петрова изрази загриженост и најостро го осуди делото извршено од непознати лица, поради што е причинета материјална штета на објектот. Беше истакнато дека ваквите вандалски акти не се само израз на национална омраза и нетрпеливост кон невладините организации како важен дел од граѓанското општество, туку се во сериозен судир и со демократските вредности и принципи на современиот цивилизиран европски систем.
Знак за демонстративното и неиспровоцирано криминално дело на сторителите на подметнувањето пожар е и тоа што пред само неколку недели на отворањето на осквернавената зграда на Културниот центар присуствувале високи претставници на Република Бугарија. Бугарската страна е убедена дека немилиот настан во Битола не придонесува за развој на пријателството, добрососедството и соработката и е спротивен на напорите на владите на двете земји да го најдат вистинскиот пат за европската интеграција на Република Северна Македонија.