Постапките на Пендаровски не ја забрзуваат евроинтеграцијата на Македонија, реагираат од бугарското Министерство за надворешни работи.
Оттаму велат дека се загрижени од постапките на претседателот Пендаровски, кои како што се наведува во реакцијата – создаваат негативни ставови и тензии во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активностите на двете влади.
„Неколку дена по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на тензиите во јавноста предизвикани од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови темите кои се во спротивност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година. Ваквите дејствија не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија и на меѓусебна доверба“, се наведува во соопштението на бугарското МНР.
Од бугарското МНР побараа од политичките чинители во земјава да покажат политичка зрелост и да дадат конструктивен придонес за враќање на меѓусебната доверба. Ваквата реакција на Бугарското МНР следува по вчерашната средба на Пендаровски со претставници на ОМО „Илинден“. Во вчерашното соопштени од кабинетот не беше наведено дека се работи за Македонци од Бугарија туку за граѓани на Бугарија.
Средбата со претседателот се случи во ист ден кога во македонскиот парламент реферираше министерот Османи а во бугарскиот премерот Петков за разговорите меѓу Скопје – Софија, јавува ТВ 24.
Канал 5, пак, побара став од кабинетот на Пендаровски во однос на реакцијата на бугарското МНР.
Од таму велат:
„Ставот на претседателот Пендаровски е дека ниту една негова постапка, ниту досега била, ниту отсега ќе биде во спротивност со договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година, вклучувајќи ја и средбата со здруженија на граѓани од Република Бугарија. Претседателот Пендаровски смета дека секоја институција во двете држави треба да даде свој придонес во надминувањето на отворените прашања и во таа насока е посветен за зајакнување на дијалогот и целосна имплементација на договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, велат од кабинетот на претседателот за Канал 5.