Вонредниот и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија Агнеза Руси Поповска денеска била повикана на состанок во Министерството за надворешни работи од г-дин Јордан Прванов, генерален директор за европски прашања, за да и биде предадена протестна нота, во која бугарската страна изразува сериозна загриженост и вознемиреност од најновите случаи на ругање со бугарски национални симболи на територијата на соседната држава, јавува Министерството за надворешни работи на Бугарија, пренесува Трибуна.

„На 4 мај 2025 година, неколку часа по полагањето на венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“, било утврдено дека меѓу многубројните положени венци, единствено триколорната лента со бугарското знаме била отстранета. Дополнително, извршен бил и нов акт на вандализам кон мермерниот споменик („морена“), дониран од Бугарија, кој се наоѓа во Паркот на франкофонијата во Скопје.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија категорично ги осудува ваквите непријателски дејства. Со жаљење констатира исто така дека слични неприфатливи постапки се регистрирани и во претходни периоди. Последниот случај е показателен за тоа дека системското отсуство на реакција од надлежните власти во Република Северна Македонија дополнително ги поттикнува манифестациите на непријателство и вандализм со антибугарска основа во трајна тенденција.

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија очекува властите во соседната држава да преземат потребни чекори за откривање на извршителите на овие дела и нивно повикување на одговорност, како и за навремено враќање на споменикот „морена“ во неговиот автентичен изглед“, стои во соопштението на МНР на Бугарија.