Задушување од пожарот е причина за смртта на сите загинати во автобуската несреќа во Бугарија, соопштија денеска бугарските обвинители во Државното јавно обвинителство на Република Бугарија. Обдукциите се завршени и покажуваат дека ниеден не починал од повреди здобиени од ударот, ниту од експлозијата.
Заменик главниот обвинител Борислав Сарафов како првична причина за несреќата ја посочи човечката грешка, но останува конечните анализи да ја потврдат причината.
Пронајдени се 44 тела, а постои веројатност дека се спасиле осум, а не седум луѓе, сепак само седум во моментот се во болница, велат бугарските обвинители.
Тие ги отфрлија верзиите за терористички акт и туби со нафта, како можни причини за несреќата.
„Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив“, изјави Сарафов.
Дополнително, на местото на несреќата се констатирани лоши ознаки на патиштата, лоша сигнализација и лоша организација на сообраќајот. Според Сарафов, заштитната ограда во која удрил автобусот е опасна и придонела за несреќата, автобусот при стружењето со мантинелата фрлал искри од кои се запалиле маслата во автобусот.
Портпаролот на главниот обвинител Сијка Милева изјави дека главниот обвинител Иван Гешев наредил да се изврши увид на сигнализацијата и обележувањето на патни правци од прва категорија низ државата. Во увидот ќе бидат вклучени странски експерти како и претставници на невладини организации. Доколку се соберат податоци за сторено кривично дело, истите ќе бидат испратени до надлежните органи.
Милева рече дека при распитот еден од преживеаните рекол дека се спасени осум лица, а не седум. Во исто време, на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела. Затоа, истражителите ја проверуваат верзијата за да видат дали има уште еден преживеан и каде е тој. Можно е некој од патниците во автобусот, кога влегле на територија на Бугарија да се префрлил во некој од другите автобус кои биле дел од организираната тура.
Сарафов вели дека прво се испрашани двајца од патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата и дека и двајцата дале објективни информации.
„Испитани се поединечно и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испитуваат и двајца други кои се во болница“, изјави Сарафов.
На истрагата работат тим од шест истражители од Националната истражна служба и тројца обвинители од Окружното обвинителство Перник.
Несреќата се случи во вторникот на автопатот „Струма“ кога автобус на превозникот „Беса транс“ враќајќи се од Истанбул се запали.
Екипа од обвинителството утре заминува за Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите.
Потоа, нагласи Сарафов, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.