Владимир Перев
Оваа година се навршуваат 80 години од почетокот на Втората светска војна, но настаните поврзани со учеството на македонците и бугарите во тогашните воени и мирновременски дејствија, недоволно е расветлено. Цели осумдесет години робувавме на српската историографија која тој период го претставуваше како германско-бугарски фашизам во Македонија, со силен акцент на “фашизмот“ како својство на Царство Бугарија и ролјата на таа држава кај нас. Истовремено српските историчари и публицисти не опсипаа со книги и статии за херојството на српскиот народ во тој период, а дури и еден Владимир Дедијер, големиот пријател на Тито, во својата пристапна беседа во Српската академија на науките и уметностите САНУ, насловена како О партизанском саможртвовању и херојском самоубиству. (Глас / САНУ. ОИН. 338 : 3 (1983) 219–281.), го поистовети партизанството со херојските традиции на македонскиот народ, не само во Втората светска војна, ами и во периодот на ВМРО, како вредности на јужнославјанските народи, без да се споменат бугарските корени и битието на ВМРО.
Во интеррегнумот од влегувањето на Германците во Македонија на 7-8 април 1941 година, до доаѓањето на бугарската армија околу 20-22 април 1941 година, во земјата владеат Бугарските акциони комитети и личности кои се избрани од народот. Основната цел е да се сочува имотот и животите на населението, до воспоставување на новата власт, односно до влегувањето на бугарската армија.
Една од најсилните самоорганизирани институции на власта во Македонија е Солунскиот бугарски клуб. Тој е основан од Македонци од кои повеќето се родени и живеат во Солунско, а се чувствуваат како етнички Бугари. Нивната основна цел е да се спасат македонските комунисти и другите затвореници од грчкиот затвор Акронавплија на Пелпонез, како и да се заштити населението од Солунскиот крај, од насилијата на грчките националистички организации. Комунистичката власт во Македонија по 1944 година, го сметала Солунскиот бугарски клуб за националистичка, бугарска организација, а по војанта на неговите членови им е судено како на фашисти…судени се и во Македонија, и во Грција и во Бугарија. Вистината е малку поинаква – ако било така, тогаш зошто судените во Грција Македонци и немакедонци комунисти се изјасниле како бугари за да бидат ослободени од затворот во Пелопонез за потоа да се вклучат во движење целосно спротивно на некакви нивни наводни “идеали“. Но, Солунскиот бугарски клуб водел детална документација, па во поново време објавен е дел од документите кои се од интерес за нас. Сметаме за неопходно, истите да се објават онака како што се напишани на бугарската Википедија, па секој нека реши каква позиција ќе заземе кон изнесеното.
Наредени по име, презиме, место на раѓање и погибија, по функција, овој список е составен од импозантни имиња. Сепак, треба да се дополни со нови сознанија.
Ги има различни по националност и образование. Обични луѓе, но и партиски активисти. Власи, Маџири, Грци и Бугари, партиски секретари, но и обични чевлари. Бугарските “фашисти“ ги прифатиле сите тие комунистички дејци за “свои“, по нација и традиција. Така се прави и дејствува во името на единството на нацијата и државата. А како тие се оддолжија?
Речи си сите се откажаа од својот идентитет и, или прифатија друг, или само говореа за интернационализам. Но судбината на многумина од нив не им беше наклонета.
Андреј Чипов, бескомпромисниот комунист и Македонец, по војната е обвинет од Александар Ранковиќ дека бил на пробугарски позиции, дури и за агентурни дејности во полза на Бугарија. Од Скопје е прогонет во Битола, каде што умира од разочарување и алкохолизам.
Лазо Трповски, нашиот боготворен македонски сталинист и разузнавач на НКВД, како што тогаш било вообичаено во неколку наврати ја менува страната и се движи на релациите македонство-бугарство-интернационализам-сталинизам и многу други нешта. Тој уште во 1928 година заминува за Канада каде што членува во Канадската комунистичка партија и во Македонскиот национален совет, левоориентирана промакедонистичка организација во Канада. Уапсен е но успева да го одбегне депортирањето во Грција, каде требало да биде суден. Успева да пребега во СССР, живее во хотелот “Лукс“, заедно со “нашиот“ Тито, за потоа како активен НКВД-овски разузнавач, да се врати во Грција. Оапсен е и оди во затворот Акронавплија. Смртта го спасува од судбината на Чипов.
Лазар Дамов Оштенски умира во Скопје како висок партиски функционер…познат бил по својата омраза кон бугарите. Се занимавал со разузнавачка дејност по “грчка линија“ но до денес не се познати причините за неговите блиски пријателски врски со грчки функционери и разузнавачи. Денес веќе има сомневања дека работел и за “другата страна“.Колку ли луѓе од овој список ја продолжиле својата кариера во НР Македонија, плукајќи по Бугарите-нивните ослободители.
Ете, затоа со почит се сеќавам кон оној мој прилепчанец (поручник Христо Димитриев) кој не сакал да се напише бугарин и не сакал да го напушти заробеничкиот логор во Германија. Тој се “заклео краљу“ како што се вели, и до крај останал на заклетвата. Што правиме со нас сега, кому сме се заколнале и дали чесно ќе опстоиме на реченото, без разлика што немало заклетва.
Велат дека сега имало околу 120 илјади бугарски пасоши. Ајде да видиме кои се тие и за што и колку ги лажеле Бугарите. За времето во кое пишувам, било доволно самиот војник или затвореник да потврди-изјави дека е македон-булгар и да биде спасен, ама овие новиве 120 илјади, лажеле и за своите предци…или не лажеле, не знам. Ако се објави списокот на сите со бугарски пасоши ќе се дојде поблиску до вистината, некои од нив имаат и живи родители, па и дедовци и баби. Конечно ќе разбереме кој колку и за што лажел. Господе, каква нација сме ние, а потоа велиме дека Бугарите ги менувале страните…
Деновиве се води интензивна дипломатско-президентска активност на линијата меѓу Македонија и Бугарија. Основниот двигател се гледа во ликот на бугарскиот претседател Румен Радев. Ако ние учевме за некакви српски/југословенски херои во борбата за сопственото достоинство и достоинството на целиот народ, ред е тој да се присети на достоинството на оние бугарски офицери кои не сакале да го предадат оружјето на советските “ослободители“, фактички, окупатори на бугарската земја. Трагичниот крај на оној бугарски офицер кој одбил да го даде оружејето со изјавата дека “бугарски офицер не го предава оружјето“, треба да биде вистинскиот патеводител на офицерот Радев во преговорите со македонската страна и со целата лажнолибералистичка Европа. Достоинството, тоа треба да е определбата на бугарскиот президент/офицер на армија која никогаш не дозволила на нејзината земја да стапне окупатор. Тоа од него го очакува целиот бугарски народ, но и оние 120 илјади македонски бугари, па макар биле и со лажни изјави за своето потекло.
Често се сеќавам на пријателите од татко ми во доцните педесети години и на нивните саботните седенки во малата задимена канцеларија. Тие се шегуваа со себе си и своите судбини, но беа пример за постојаност и опстојување на своето достоинство. Има ли меѓу нас такви?