Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев, кој стана мета на непристоен вербален напад од страна на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, бил еден од бугарските волонтери, кои помагаа во отстранувањето на штетите по големите поплави што го зафатија реонот на Скопје во летото на 2016 г. За тоа нѐ потсетува бугарскиот дневен весник 24 часа, кој на 8 август го објавил следниот материјал со наслов: Европратеникот Андреј Новаков и пратеникот Георг Георгиев волонтери во Скопје.
Европратеникот Андреј Новаков од редовите на ГЕРБ-ЕНП
Ви го пренесуваме материјалот на колегите од 24 часа во целост и без редакциска интервенција: Бугарскиот европратеник од ГЕРБ/ЕПП Андреј Новаков и пратеникот и претседател на Млади ГЕРБ Георг Георгиев се во Скопје, каде што помагаат во отстранувањето на штетите што беа предизвикани од бурата и поплавата во македонската престолнина, соопштија од прес-центарот на ГЕРБ. Тие се дел од волонтерска иницијатива која има за цел да ја поддржи оперативната работа на службите за справување со катастрофи и несреќи во Македонија. „Се приклучувам како волонтер,“ ја објави веста европратеникот на својата лична страница на Фејсбук. Тој отпатувал ноќеска. Денеска двајцата учествуваа во снабдувањето со гориво за одводните пумпи. Постојат проблеми со испораката на гориво во Скопје поради сложената ситуација. Друг проблем што бил решен е доставата и распределбата на вода за пиење за населението и за спасувачките екипи во македонската престолнина. „Дополнителни потешкотии тука создава фактот што електричното напојување е прекинато. Беше тешко да се најде бензинска станица што работи. Но беше важно да доставиме доволно гориво за да се одводнат објектите. Водата е загадена и е неисправна за пиење, тоа исто така беше голем проблем. Остануваме тука за да помогнеме во сè што им е потребно на локалното население и на кризниот штаб,“ објасни Андреј Новаков.
Сегашниот бугарски министер за надворешни работи Георг Георгиев помага за санирање на штетите по поплавите во Скопје во 2016 г.
„Сочувствуваме со луѓето тука, ја споделуваме нивната загриженост од несреќата што ги снајде. Се случувало и во Бугарија. Тука сме за да помогнеме,“ рече Георг Георгиев. Тој раскажа дека во моментот со Новаков помагаат во одводнување и расчистување на куќата на постара двојка погодена од поплавата. „Помагаме со физичка сила при расчистувањето. Ги користиме и пумпите обезбедени од бугарските власти,“ додаде Георгиев.