Бугарија работи за продлабочување на економската и инвестициската соработка со Република Косово. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев, кој се наоѓа во дводневна посета на Косово, на покана на претседателката Вјоса Османи.
Радев беше пречекан од неговата колешка со официјална церемонија, разговараа тет а тет и ја раководеа средбата на двете делегации.
Османи и Радев, посадија дрво како симбол на пријателството меѓу двете држави и оддадоа почит пред „Споменикот на исчезнатите лица“, јавува прес-центарот на бугарскиот претседател, пренесува Трибуна.

За време на заедничката прес-конференција претседателот Радев ги подвлече дијалогот и пријателските односи меѓу Софија и Приштина , како солидна основа за конкретни чекори во продлабочувањето на соработката во повеќе сфери од заемен интерес. Тој истакна дека транспортната, енергетската и дигиталната поврзаност во регионот се од клучно значење за охрабрување на соработката во сите останати сфери. Радев не заборави да подвлече уште дека Коридорот 8 е од стратешко значење за целиот регион.
Радев потсети дека Бугарија беше меѓу првите држави кои во 2008 година ја признаа независноста на Косово.
,, Можете да сметате на нашата поддршка во вашите напори да го изградите Косово како модерна и демократска држава со силни институции”, изјави Радев, додавајќи дека Бугарија е еден од основните мотори за забрзаната интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ.

Бугарскиот претседател ги поздрави напорите на Косово по европскиот пат, посочувајќи дека Бугарија ќе продолжи да настојува пред европските институции сите успеси да бидат забележани и кога се зборува за забрзана интеграција како што вели тој, не треба да се остави Косово на заден план.

Румен Радев и се заблагодари на својата косовска колешка за тоа што таа прифатила личен ангажман претстојниот попис на населението во Косово да биде транспарентен, објективен, и да се темели на највисоките меѓународни стандарди, така што во иднина бугарската заедница во Косово да има можност да биде признаена како национално малцинство.
Радев изрази увереност дека Бугарија и Косово ќе продолжат да работат за тоа бугарската заедница слободно да го изучува својот мајчин јазик, да го изразува слободно својот идентитет и да ги чува и развива своите културни традиции.
Во своето обраќање претседателката Османи ја изрази својата благодарност за константната бугарска поддршка, за европскиот пат на Косово, за зацврстувањето на мирот и стабилноста во регионот и за влезот на Косово во меѓународните организации.

,,За нас односите со Бугарија секогаш биле важни и со заеднички напори ќе ги искористиме сите можности за продлабочување на меѓудржавната соработка “, изјави претседателката Османи.

Во рамките на првиот ден на својата посета Радев се сретна и со премиерот на Косово, Албин Курти, со кого разговараше за перспективите за развој на економската и инвестициската соработка и трговските контакти меѓу двете држави.
Премиерот Курти ја подвлече неопходноста за спроведување на заеднички бизнис форум на кој да бидат покренати конкретен број проекти од заемен интерес и изрази подготвеност лично да учествува во истиот. Двајцата државници изразија заедничка позиција дека европската перспектива за Западен Балкан е одлучувачки фактор за зацврстување на безбедноста, стабилноста и развојот на регионот. Претседателот разговараше и со градоначалникот на Приштина, Препарим Рама. На свечена церемонија Радев го доби ,,Клучот на градот “.

Денеска бугарскиот претседател ќе се сретне со бугарскиот контингент во составот на меѓународните сили за безбедност КФОР и ќе разговара со командирот на КФОР, генерал мајор Јоскан Улуташ. Подоцна во Призрен , Радев ќе се сретне со претставници на бугарската заедница и со раководствата на нивните здруженија во земјата.