Бугарската држава нема да толерира насилство врз Бугарите во Република Северна Македонија и врз нејзините граѓани и ќе ги користи сите национални и меѓународни инструменти за заштита на нивните права. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев на средбата во претседателската институција со Христијан Пендиков, кој беше нападнат во градот Охрид, поради неговиот јавно искажан бугарски идентитет. Бугарија ги информирала своите меѓународни партнери за уште една антибугарска кампања во РСМ, која ескалирала последните денови, соопштува прес-службата на шефот на бугарската држава, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.

Институциите во РСМ мора со дела да докажат дека не се соучесници во децениската омраза кон Бугарија, чиј резултат е палењето и пукањето во културните клубови и насилството врз македонските Бугари и бугарските граѓани. Одговорните за тие дела треба да бидат разоткриени и ефективно казнети, потенцира Радев. Односот на РСМ кон злосторствата од омраза врз македонските Бугари е од клучно значење не само за билатералните односи, туку и за европската перспектива на земјата, посочува бугарскиот претседател.

Румен Радев изјави дека Бугарија ќе ги следи постапките на институциите во РСМ за да го гарантираат животот и здравјето на своите граѓани, кои и покрај системската репресија продолжуваат да го бранат својот бугарски национален идентитет.

Вклучувањето на Бугарите во уставот на РСМ е гаранција за нејзината европска перспектива, како и за вистинската посветеност на институциите за искоренувањето на јазикот на омраза кон Бугарија и Бугарите и спроведување на билатералниот договор за добрососедство, посочува Радев.

Бугарскиот претседател ѝ честита на мајката на Христијан Пендиков што одгледала достоен син, а на Христијан му честиташе за храброста да го чува своето бугарско име.