Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски утре ќе го пречека премиерот на Република Бугарија Кирил Петков кој ќе пристигне во еднодневна официјалната посета на нашата земја.
Претседателот на Владата на Република Бугарија Кирил Петков ќе допатува заедно со Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, со Теодора Генчовска, министер за надворешни работи на Република Бугарија и со Николај Сабев, министер за транспорт и врски на Република Бугарија.
На аеродромот во Скопје владината делегација на Република Бугарија ќе ја пречека министерот за надворешни работи Бујар Османи по што се очекува да започне официјалниот дел на посетата со церемонијалниот пречек со високи државни и воени почести пред Владата на Република Северна Македонија.
Бугарската делегација ќе ја пречека премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, Бојан Маричиќ, заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бујар Османи, министер за надворешни работи и Благој Бочварски, министер за транспорт и врски, како и од членови на Канцеларијата на претседателот на Владата и на Министерството за надворешни работи.
Според агендата за посетата, премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков ќе имаат тет-а-тет средба, а одделни средби ќе имаат и вицепремиерот Бојан Маричиќ со Кристиан Вигенин, заменик-претседател на Народното Собрание на Република Бугарија, министрите за надворешни работи на Република Северна Македонија и на Република Бугарија Бујар Османи и Теодора Генчовска, како и министрите за транспорт и врски на двете држави Благој Бочварски и Николај Сабев.
Програмата за посетата потоа предвидува пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков после што ќе следува и нивна заедничка прес-конференција.
Претседателите на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија Димитар Ковачевски и Кирил Петков, потоа, во Клубот на пратениците, официјално ќе го промовираат проектот за помош во развојот “Електронски дневник за лица со дијабетес”, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација на Република Бугарија.
Во преостанатиот дел од агендата за посетата на делегацијата на Република Бугарија, премиерот Кирил Петков ќе има одделни средби со претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери.
Официјалната посета е предвидено да заврши во вечерните часови после што владината делегација на Република Бугарија ќе замине за меѓународниот аеродром Скопје на лет за Софија.