Бугарскиот премиер Кирил Петков бара оставка од министерот за одбрана, Стефан Јанев, откако избегна да го користи зборот „војна“ за руската инвазија врз Украина, што ја крена на нозе бугарската про-европска јавност. Петков пред денешната седница на бугарската Влада изјави дека очекува Парламентот утре да гласа за разрешување на Јанев и веднаш да биде избран нов министер за одбрана, со оглед на случувањата околу Украина. За името на идниот министер рече дека ќе донесе одлука по состанок со коалициските партнери, кои како што посочи се едногласни за оставката на Јанев. Според Петков, ниту еден министер не треба да мисли дека останување на функцијата е залог за коаlицијата.
– Ниту еден министер нема право на сопствена надворешна политика, особено на Фејсбук. Мој министер за војна не може да го користи зборот операција наместо зборот војна. Не може да се нарече операција кога илјадници војници од едната и од другата страна веќе се убиени. Војници на возраст како мојата најстара ќерка. Кога гледаме дека една словенска земја напаѓа друга словенска земја, во братоубиствена војна без вистинска причина, мораме јасно да кажеме – оваа војна мора да престане, изјави Петков.
Јанев доцна синоќа преку објава на Фејсбук напиша дека очекува негова смена од функцијата, откако како што истакна бил мета на подмолни политички напади со цел за негова лична дискредитација.
„Не очекувајте да поднесам оставка во оваа геополитичка ситуација, моите обврски како министер за одбрана не го наложуваат тоа. Доколку оставката е само прашање на процедура, сметам на коалициските „партнери“ и на политичката сила што наводно ме поддржувала, да ги придвижат работите по соодветниот ред“, напиша Јанев на Фејсбук.