Владимир Перев

Да се пропатуваат десетина илјади километри само низ Балканот, претходно да се поминат Американските континенти и некои европски земји, за да се осети пулсот на македоно-бугарската емиграција, но и на емиграциите на некои други држави, носи со себе нови сознанија. За мене горчливи, многу горчливи!

Нема среќна емиграција. Погледнте ја само руската белогвардејска емиграција, нашата вмровско-емпеовска, српската четничка, хрватската усташка, словенечките домобрани, као и ред други, ќе ја почуствувате горчината на прокудените или изоставените, заборавените од сопствената држава, и многу често, осудувани од истата таа држава.

Има емиграции кои успеале некако да се вклопат во животот на земјите каде емигрирале и таму да остварат по среќен живот. Тоа се примерите на полската и ерменската емиграција во Франција. Тие се горди и на своето потекло, и на земјата во која го нашле својот мир, политички, верски, човечки. Тука е и унгарската емиграција, која насекаде во светот се гордее со своето унгарско потекло, без разлика на мрачниот и насилен, нечовечки комунистички период низ кој помина земјата од 1944 година, па сѐ до промените во 1990 година.

Знаеме сѐ за “нашите“ југословенски емиграции, за “нашата“ омраза кон нив, за романите напишани и филмовите снимени по тие теми…знаеме и за нивното дејствување против “нашата земја“! Со распадот на СФРЈ сето тоа падна во вода, сите неказнено се вратија, кај сега своите новоформирани држави и станаа почитувани членови на своето опкружување. Горе-долу така е со сите емиграции, освен со нашата, македонско-бугарската и емпеовската емиграција, кои до денешен ден се на маргините на политичкиот живот во Македонија и во Бугарија. Зошто е тоа така?
Од нив не се бара одговорност, лојалност или пројавена љубов кон (пра)татковината. Од нив се бара покајание, извинување и себепорекнување, заради “удобниот“ живот кој го имале надвор од границите на татковината, но и уште повеќе, им се бара вина дека живееле во еден друг свет, современ, модерен и демократски, безразлично дека и матичната држава тежнее да се приклучи кон тој свет.

Најтежок е проблемот на македоно-бугарската емиграција сплотена еден век и повеќе, околу МПО-Македонската патриотическа организација во САД и Канада. Членовите на таа организација не можат да го претстават на македонската јавност нивното чувство дека се етнички бугари, а пред бугарското опшштество, тешко им врват објаснувањата за дијалектиката во формирањето на македонската нација. Во Скопје се обвинувани за предавници и татаро-бугари, а во Софија се предавници-македонисти. За некои нешта си се и самите виновни-нивното политичко образование е во сериозно заостанување со финансовиот бенефит на Организацијата, а коруптивните елементи на некои од членовите на раководствата на МПО, сосема си личат на нашите, македоно-бугарски алчности и занемарувањата, како на семејните традиции, така и сопствениот морален интегритет. Што да се прави, ние сепак сме еден народ, барем сме исти во мааните. Но, за нив не треба да се грижиме, живеат среќно и задоволно во својот американски сон и тоа треба да биде патоказот на нашите разговори и размисли, со нив и за нив!

Истанбул не е Америка, тој е тука близу до нас, на само десетина часа возење. Во прекрасната Резиденција на последниот бугарски Екзарх во Истанбул, се собира малата колонија на последните македоно-бугари таму. Некогаш биле педесетина илјади, ја направиле прекрасната “Желзна црква“ за денес да ги има две-три стотини. Да не се лажеме, Турција е може би наш пријател, но таа е затворена држава за која важи строг визен режим. Нашите луѓе таму најчесто се од делот на Егејска Македонија, од Костурско, Лагадинско, а ги има и од Солуско. Некои од нив имаат бугарски пасоши, некои грчки, а малкумина македонски. Тие пасоши се нивниот прозорец кон светот, нивната можност да излезат надвор од кафезот кој се нарекува нереформираната популистичка Турција. Тоа е факт и тие се благодарни на таа можност. Треба да се нагласи дека процедурата за вадењето на пасошите и на трите споменати држави, се врши по значитело олеснета процедура, пред конзуларните претставништва таму, со основни документи и писмена изјава за нивниот етникум…едните пред бугарските органи, некои пред грчките или македонските. Само елементарни документи и изјава на волја за себе сѝ!

Грција и Хрватска се полноправни членки на ЕУ и на Шенген. Познато е зошто од Грција никој не бара македонски или бугарски пасош, таму се други механизмите на пројава на својот етникум. Во Хрватска само мал број бугари бараат да им се даде пасош на бугарската држава, најчесто како израз на себепрепознавање и самопотврдување на наследените и стекнати национални белези.
Во Албанија, бугарите се позиционирани во три целини: Мала Преспа, Гора и Голо Брдо. Оние од Голо Брдо се најсилната алка на единството на бугарското племе на Балканите, тие се гордоста на нацијата. Образовани, културни, традиционално свесни за себе си, тие владеат со едно пространство кое се шири до Елбасан, формирајќи единствен дух и целина.

Во Македонија и Србија, ситуацијата е сосема поинаква. Постои едно чувство на прекор на Софија кон нас, кои сме живееле во југословенските пространства. Ние важиме за некакви капиталисти, или просто сме виновни што сме имале по среќни моменти во животот од потиснатата бугарска интелигенција, или сиромашната работничка класа. Колку е тоа точно, треба да се размисли. Мислам дека тоа не може да се земе во целост како вистина. Постои и впечаток дека сме се “прилагодиле“ на режимот по 1918 година, дека сме се србизирале или југословенизирале…и тука има простор за размисли, само треба да се има добра намера за барање на вистината. Навистина, Бугарија загуби две светски војни во дваесетиот век, но не треба да се заборави дека ние, македонците како и бугарите од Зпадните покраини, се боревме рамо до рамо низ војните со целата бугарска армија…бугарските воени знамиња, беа знамињата на нашите предци-победите беа заеднички, но и поразите ги почуствувавме сите. Дали само поделбата на бугарското племе, на оние од таа и оваа страна на Железната завеса, ја определи нашата судбина, на најтежок можен начин да дојдеме до бугарски пасош. Ние тоа го заслужуваме, ние историски сме ги докажале нашата припадност кон заедничкиот народ и нашето учество во борбената судбина на тој наш народ. Грев е македонските бугари, па и оние од Западните покраини, во барањето на државјанство и “бугарски пасош“, како виза за спас на себе си и и семјствата, да бидат препуштени на некаква “паспортна мафија“ која тоа го злоупотребува на најдолен начин.

Сето тоа се прави со учество на бугарската држава, која неразумно ја оптоварува процедурата, измислувајќи какви не пречки. Овде се знае секогаш кој бил на која страна, кој каде припаѓал, на чија страна бил во четирите војни на Балканот, па секој изаден пасош на недобронамерни носители на бугарско државјанство е грешка на Софија и соучесништо на бугарските власти со паспортната мафија. Тоа сите го знаат, но финасовите придобивки се факторот на замолкнување на бунтовниците.
Најтешка е ситуацијата со Банатските бугари во Војводина. Заминати од матицата пред две-три стотини години, со особен јазик-павликијански, латинично писмо и католичка вероисповед, тие се нејаснотијата за бугарската бирократија. Навистина, никој до сега не е вратен, но процедурата е тешка, скапа и долготрајна…а нивните деца го бараат излезот од онаа Србија, за која некои во Софија велат дека е “пријателска“!?

Бугарите од откинатите територии на бугарската држава, бугарската емиграција, како и политичката емиграција по Втората светска војна, воопшто не се виновни за ситуацијата во која се најде земјата по 1944 година. Во слободниот свет тие со гордост го носеа името бугари. Потиснатите и победени во Македонија и Западните покраини, со достоинството на личноста, ја носеа својата несреќна судбина. За поранешното недоверие и презир кон нив, бугарската држава треба во најмала рака да се извини, на начин кој до елементарност ќе ја упрости процедурата за државјанство. Тоа ќе биде признание кон жртвите на предците кои живееле во режим на потиснатост и заробени човекови права.

Да, и меѓу нас ги има секакви, лажливи и меркантилни. Бараат нешто што не им следува. Ако, такви има насекаде. Нека и тие добијат државјанство, па кога ќе дојде денот нека се откажат, или молчешкум нека го тргнат на страна. Нивните потомци ќе ја сознаат работата, ќе разберат што една држава како Бугарија, направила за и тие да имаат среќен живот во некој побогат и по демократски свет. Тоа ќе биде привилегија за целиот бугарски народ, неговата голема демократска придобивка.