Со апсолутно мнозинство од 194 гласа „за“ бугарскиот парламент одобри решение за напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија, jавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
За време на гласањето не беше регистриран ниту еден глас „против“ или „воздржан“ од присутните пратеници во пленарната сала. Пред гласањето, пратениците усвоија и три измени во решението.
Во решението се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во РСМ строго да ги исполнуваат преземените обврски.
„Секој обид во рамките на форматите и институциите на ЕУ да се предоговараат, заобиколуваат или занемаруваат елементи од постигнатите договорености е неприфатлив“, се вели во решението.
Исто така, во него се нагласува дека институциите на ЕУ треба да продолжат со засилени акции за гарантирање на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучувајќи го и правото да го чуваат и развиваат своето културно-историско наследство, јазик, родова меморија и идентитет.
Со решението, Бугарија очекува, во согласност со европскиот консензус од 2022 година, РСМ да изработи и да претстави Целенасочен план за акција за заштита на правата на лицата што припаѓаат на малцинства или заедници, во склоп со Патната карта за Врховенството на правото. Овој план, чие спроведување ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефективни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на РСМ.