Бугарскиот парламент го усвои Законот за ратификација на Договорот меѓу владите на Бугарија и Република Северна Македонија за подготовка, изградба и експлоатација на прекуграничниот железнички тунел на Коридорот 8. Документот меѓу двете земји беше потпишан на 6 ноември 2025 година во селото Ѓуешево, јавува Трибуна.

Договорот е резултат на повеќегодишните напори на Софија за воспоставување железничка врска меѓу Софија и Скопје и претставува значаен чекор кон поврзување на железничките мрежи на двете држави и доизградба на недостасувачкиот дел од Коридор VIII, се наведува во образложението на законот.

Бугарскиот вицепремиер и министер за транспорт и врски Гроздан Караџов изјави дека недовршениот дел на бугарска територија изнесува 2,4 километри – од железничката станица Ѓуешево до државната граница со Северна Македонија кај Деве Баир.

Според него, иако тунелот ќе биде долг само 2,4 километри, неговото стратешко значење е далеку поголемо од неговата должина. Караџов потсети дека првите метри од тунелот на бугарска страна биле прокопани пред повеќе од 83 години, по што изградбата била запрена, а сега, со ратификацијата, се создаваат услови за продолжување на работите.

Со договорот се регулираат обврските на двете држави во врска со изградбата на прекуграничниот железнички тунел во граничната зона. Документот опфаќа прашања поврзани со спроведување јавни набавки за изведба на градежните работи и за градежен надзор, како и активности за обезбедување неповратна финансиска поддршка за реализација на проектот.

Предвидено е инфраструктурното решение да ги исполнува стандардите и барањата на Европската унија и НАТО за ваков тип објекти.

Во краток рок по стапувањето во сила на договорот треба да се изготви прелиминарен временски план за подготовка и изградба на тунелот, кој ќе биде доставен до Европската комисија и до европските финансиски институции што би го поддржале проектот.

Документот предвидува и формирање мешовит комитет составен од претставници на двете земји, кој ќе ја координира целокупната реализација на проектот и ќе одлучува за прашањата поврзани со изградбата, користењето и одржувањето на тунелот, врз основа на соодветните одлуки на двете влади.

Со оваа ратификација се отвора патот за конкретни активности на терен и за финализирање на еден од клучните инфраструктурни проекти за железничко поврзување меѓу Скопје и Софија.