Младиот и талентиран бугарски кларинетист Кристијан Калојанов беше дел од ансамблот што синоќа го затвори седмото издание на Меѓународниот фестивал за класична камерна музика „СКУПИ КамерФест 2024“ во Филхармонијата на Република Северна Македонија, јавува Трибуна.

Претходно Калојанов го посети Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје, каде што се сретна со директорката на центарот Антонија Велева.

Кристијан Калојанов е роден во 1988 година во градот Шумен. На 4-годишна возраст почнал да свири клавир, а подоцна и на кларинет. Дипломирал на Националното музичко училиште „Љубомир Пипков“ и Националната музичка академија „Проф. Панчо Владигеров“ во градот Софија. Негови наставници по кларинет и камерна музика се Данчо Радевски, проф. д-р Димитар Димитров, проф. д-р Петко Радев и проф. Венцеслав Николов. Во 2019 година, Кристијан одбранил докторската теза – камерна музика и кларинет на тема „Интерпретативни и ансамблски проблеми во квартетите на Пол Хиндемит и Оливие Месијаен за кларинет, виолина, виолончело и пијано во контекст на европската камерна музика на XX век“.

Од 2017 година Калојанов е примен како прв кларинетист во оркестарот на БНР. Младиот музичар има бројни концертни настапи како солист и камерен уметник во Бугарија и странство, снимки за БНР, награди од натпревари. Дел е од Камерниот ансамбл „Силуети“. Учествувал на фестивалите „Салон на уметноста“ – НДК, Мартовски музички денови – Русе, К&К фестивал – Австрија, Фестивал ди квартето – Фиренца, Италија и др.