Почна демонтажата и рушењето на една од галиите во реката Вардар. Прва е онаа во непосредна близина на хотелот Холидеј ин. За градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов галиите се опасност за граѓаните, додека менаџерот на галијата, вели дека бугарскиот инвеститор вложил 1,2 милиони евра и дека Град Скопје нема судско решение за демонтажа.

Со галијата управува бугарски инвеститор – фирмата Сервис Емус Ад Скопје, а управителот Жарко Миленкоски тврди дека бродот е изграден со пари од приватен инвеститор државјанин на Р. Бугарија без двојно државјанство.

-Вкупните инвестиции на бугарскиот инвеститор во Македонија се над 40 милиони евра. Инвестицијата во овој брод е над 1,2 милиони евра. Град Скопје нема никакво побарување кон нас, а патем Град Скопје нема инвестирано ниту еден денар, велат во дописот на кој е потпишан Миленкоски.

Се додава дека не е укината дозволата за поставување на урбана опрема, што значи правниот акт врз основа на кој е поставен бродот, сеуште е во сила.

Во тек биле два судски предмети, од коишто за едниот утринава било одржано рочиште и не може да се руши на сила додека нема судска одлука.