Европратеникот Илхан Ќучук и постојан известувач на ЕП за Северна Македонија, е избран за претседател на партијата АЛДЕ на европските либерали. Ова се случи на 41-от партиски конгрес, што се одржува на 11-12 јуни, јави дописникот на МИА од Софија.
Иако конгресот се одржува во мешовит формат во Брисел, партиите-членки се состанаа во највисокото тело за донесување одлуки и со големо мнозинство го избраа бугарскиот европратеник од Движењето за права и слободи (ДПС) Илхан Ќучук како еден од двајцата претседатели. Изборот на Ќучук е високо признание за ДПС, како дел од либералната заедница што ги поддржува либералните вредности и на национално и на европско ниво.
Илхан Ќучук е роден во 1985 година во градот Севлиево. На европските избори во Бугарија во мај 2019 година, беше избран за втор мандат за член на Европскиот парламент од групата „Обнови ја Европа“ (Renew Europe). Тој е член на Комисијата за надворешни работи и на Делегацијата на ЕП и е постојан известувач на ЕП за Северна Македонија. Тој е прв заменик претседател на Делегацијата на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Турција. Како што потсетува дописникот на МИА од Софија, Ќучук е втор бугарски политичар кој е на чело на европска партија, по поранешниот бугарски премиер и поранешен лидер на бугарските социјалисти Сергеј Станишев, кој ја предводи Партијата на европските социјалисти – ПЕС.