Бугарскиот државен врв ги осуди нападите на Хамас врз Државата Израел. Бугарија категорично ги осудува терористичките напади што се случија утрово против државата Израел при кои загинаа и беа повредени голем број мирни граѓани. Ова стои во официјалната позиција на бугарскиот претседател Румен Радев во однос на денешниот напад врз Израел, извршен од Хамас. Бугарскиот претседател ја изрази целосната поддршка на Бугарија кон Израел кон овие тешки моменти, стои во соопштението на прес-центарот на бугарскиот шеф на државата, пренесува Трибуна.

Осуда стигна и од премиерот на Бугарија академик Николај Денков.

„Категорично ги осудувам терористичките напади на Хамас врз Израел и насилството врз невините израелски граѓани“, јавува прес-службата на бугарската влада. „Изразувам целосна солидарност на бугарскиот народ моите мисли се со жртвите од овие напади. Го осудувам тероризмот во сите негови форми“, вели Денков.

Порано денеска палестинското движење Хамас изврши ракетен напад врз Израел нанесувајќи штета во редица населени израелски места, пренесува Франс прес. Припадниците на Хамас навлегоа на израелска територија а борби се водат и на улиците во неколку населени места. Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху најави жесток одговор на нападот и објави почеток на воена операција со кодно име „Железен меч“. Во Израел е прогласена воена состојба.