Амбасадорот на Р. Бугарија во Р(С) Македонија Ангел Ангелов вчера донираше пакети со храна за 30 социјално загрозени семејства во Центарот за социјални активности во Кратово.
Помошта ја прими директорката на Центарот Невенка Јовановска во присуство на градоначалникот на градот д-р Љупчо Бојаџиев.
„При предавањето на донацијата, амбасадорот Ангелов истакна дека Бугарија останува солидарна со Република Северна Македонија, обезбедувајќи конкретна поддршка на ранливите социјални групи во комплицираната економска и социјална ситуација по пандемијата КОВИД-19. Градоначалникот Бојаџиев и директорката Јовановска изразија благодарност до Владата на Бугарија за покажаната солидарност.
На средбата во општината, градоначалникот на Кратово и бугарскиот амбасадор разговараа и за можностите за соработка во рамките на официјалната програма за развој што Бугарија ја обезбедува за Република Северна Македонија на годишно ниво.
Донацијата е дел од хуманитарната помош обезбедена со одлука на Владата на Република Бугарија“, стои во соопштението на бугарската амбасада во Скопје.