Бугарскиот јазик, историја, фолклор и традиции ќе бидат дел од програмата по бугаристика на Универзитетот во Илиноис – еден од најпрестижните универзитети во САД. Ова ќе биде првиот лекторат по бугарски јазик во Америка по повеќе децении, бидејќи досега неговото изучување се одвиваше само во неделните училишта, јавува БТВ, пренесува Трибуна.
Генералниот конзулат на Бугарија во Чикаго работеше активно две години за обновување на наставата по бугарски јазик на универзитетско ниво во САД. Како партнер за иницијативата е избран Универзитетот во Илиноис во Урбана-Шампејн, каде што порано се предавал бугарски јазик. Дополнително, државата Илиноис и градот Чикаго се дом на најголемата бугарска заедница во САД. По воспоставувањето на контакт со универзитетот и со поддршка на Генералниот конзулат на Бугарија во Чикаго, беа потпишани меморандуми за соработка со Софискиот универзитет и Великотрновскиот универзитет, соопшти Министерството за образование.
Договорено е програмата да започне во учебната 2025/2026 година, а Министерството за образование ќе објави процедура за избор на гост-предавач. Предавачот ќе работи во соработка со Одделот за словенски јазици и литература и Центарот за руски, источноевропски и евроазиски студии при Колеџот за хуманистички и општествени науки на универзитетот.
Отворањето на бугарски лекторат во САД ќе ги зајакне позициите на бугаристиката и ќе придонесе за обновување на нејзиното институционално присуство во Америка, каде што живеат многу Бугари, вклучувајќи студенти и научници. Ова ќе им овозможи да ја одржат врската со својата татковина.
Лекторатот ќе ги поддржи научните истражувања во областа на славистиката и балканистиката, давајќи можност на американските студенти и истражувачи да се запознаат одблиску со бугарскиот јазик, литература и историја.