Во близина на Благоевград започна изградбата на тренинг центар на Генералната дирекција за противпожарна заштита и заштита на населението во областа Поповка, во близина на селото Покровник.
Како што јави дописникот на МИА од Софија, на почеток на градежните активности присуствуваше директорот на бугарската противпожарна дирекција, главниот комесар Николај Николов и градоначалникот на Благоевград, Илко Стојанов.
– Во новиот центар за обука на пожарникари и спасувачи од Благоевградската област ќе се одржуваат заеднички тренинзи со екипи од Бугарија и од Грција, наведе Николов.
Проектот е финансиран од програмата Интерег В-А Грција – Бугарија за прекугранична соработка, а неговиот вкупен буџет е речиси 4,5 милиони евра.
– Центарот за обука ќе биде зграда со три гаражи, канцеларии за административни служби и координација на тимови и место за одмор, а ќе се изгради и ремонтна база, каде ќе се санира опремата. Ќе може да се обучуваат по триесет луѓе истовремено. Има идеја да се направи брза врска со автопатот за да можат побрзо и поефективно да интервенираат во случај на катастрофи по текот на реката Струма, додаде Николов.