Техничката влада на Бугарија соопшти дека го повлекува амбасадорот од Скопје, Ангел Ангелов и најави ревизија на проектите со Северна Македонија. Техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков по состанокот на Комисијата за надворешна политика на бугарскиот Парламент изјави дека Ангелов ќе остане во Софија додека не се забележи напредок во однос на третманот на македонските граѓани кои се изјаснуваат како Бугари. Запрашан што значи ова конкретно, Милков рече дека Софија очекува „позитивни чекори во пракса“, односно дека сака да види казнување на лицата кои извршиле злосторства од омраза кон Бугарите во нашата држава, со што посочи дека не е исклучено ново вето за Македонија во преговорите со ЕУ.
Ваквиот тек на настаните дојде после тепањето на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“. Професорот на софискиот Нов бугарски универзитет, Михаил Иванов во разговор за „Локално“ вели дека претепувањето и реакцијата на бугарската држава не е изолиран случај. Според него, овој инцидент е неизбежна последица на низата провокации на великобугарските националисти и бугарските официјални власти.
-Македонофобијата во Бугарија ја зајакнува бугарофобијата во Северна Македонија и обратно. Во низата бугарски провокации против добрите бугарско-македонски односи е и скандалозното однесување на бугарскиот европратеник и копретседател на ВМРО-БНД Ангел Џамбазки, кој на 14 јануари за време на панихидата на хероината Мара Бунева предводеше група на бугарските националисти кои ја извикуваа великобугарската парола „Мизија, Тракија и Македонија“. Тој во својот говор ги упати шовинистичките повици: „Да живее обединетата и неделива бугарска нација од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море!, Да живее бугарска Македонија!“ Значајно е што бугарската држава не се огради од неприфатливото однесување на бугарскиот претставник во Европскиот парламент, вели Иванов и додава дека тепањето мора најостро да се осуди, сторителите да бидат најстрого казнети и доколку се покаже дека тепањето е етнички мотивирано, да се смета за отежителна околност.
Според него, влошувањето на меѓудржавните односи е факт и дека меѓусебните провокации ги носат своите отровни плодови.
-Не мислам дека по бугарското вето дојде до подобрување на односите. Наместо тоа, имаше одредено затишје поради комплицираната политичка ситуација во Бугарија. Барањето за ново вето е предавство кон Македонија и добрите бугарско-македонски односи. Да не заборавиме дека за да се подели Македонија, бугарската држава го даде својот голем придонес во минатиот век. Ова болно го кажуваат сите водачи на македонското движење, меѓу кои и Иван Михајлов. Само како рамноправни членови на европското семејство Бугарија и Северна Македонија ќе бидат во заеднички политички простор, ќе може да се воспостават добри односи на соработка и да се обноват братските односи меѓу двата народа. Дури тогаш, во мирна јавна атмосфера, каде македонофобијата и бугарофобијата остануваат во минатото, ќе можеме заедно да ја читаме нашата историја и каде што е потребно, да ги направиме потребните корекции, порачува проф. Иванов.
Координаторката на програмата „Wider Europe“ и канцеларијата на „ECFR“ во Софија, Марија Симеонова пак во разговор за „Локално“ е децидна дека инцидентот со Христијан Пендиков не треба да се користи за уште едно влошување на односите меѓу граѓаните на Бугарија и Северна Македонија.
-Билатералните односи се детално институционализирани во билатералниот протокол склучен во јули 2022 година, врз основа на чл. 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Исто така, предвидува соодветните механизми да работат во случаи како сегашниот. Треба да се истакне и дека посетата на министерот Бујар Османи на Бугарија, веднаш по нападот на Христијан, говори за одлучноста на македонската страна да се спротивстави и да ги осуди ваквите злодела, порачува Симеонова.
Според неа, ваквиот напад има потенцијал да предизвика превирања на државно ниво, но и кај граѓаните.
-Ова е разбирливо со оглед на емоционалниот набој на овие односи. Во моментов не треба да се потцени ризикот од зацврстување на тонот со оглед на претстојната изборна кампања во Бугарија, оценува соговорничката.
Таа порачува правото на вето за запирање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е последна мерка и скапо ќе ја чини Бугарија со оглед на напорите направени минатата година за изнаоѓање прифатливо решение за спорните прашања.
-Дополнително, Бугарија е управувана од преодна влада, која не треба да прави остри кривини во бугарско-македонските односи. Употребата на нападот на Христијан за кревање политички пароли е неприфатливо. Покрај тоа, шефовите на двете земји и политичките лидери остро го осудија инцидентот. Сепак, екстремните националисти не се заинтересирани за здрав политички тон бидејќи тоа им пречи на нивните кусогледи националистички агенди, вели Симеонова.
Токму сега, додават координаторката дека националистичките личности во двете земји се обидуваат да излезат преку случајот со Пендиков.
-Бугарија наметнувајќи ги своите услови во преговарачката рамка на ЕУ со Северна Македонија, исто така има морална одговорност да ги третира своите граѓани со почит. Националистичките фигури кои разгоруваат емоции во одредени кругови и ризикуваат опасна ескалација треба да бидат санкционирани според соодветните дозволени процедури. Во актуелниот геополитички контекст, враќањето на почетната позиција главно им служи на руските интереси на Балканот. За Кремљ приоритет е слабеењето на улогата на ЕУ во нашиот регион, а една од линиите по која се постигнува тоа е со забивање на клин во односите меѓу Софија и Скопје, анализира Симеонова.
Превземено од Локално.мк