Адвокатот од Пловдив, Станислав Станев, доктор по меѓународно право и меѓународни односи, испрати отворено писмо до европски и американски фактори во политиката, во одбрана на интелектуалецот од РС Македонија Ким Мехмети. Тој е објект на истрага на Обвинителството поради кривична пријава од страна на лидер на политичка партија заради неговите критики кон власта во Скопје и за тоа што наводно се подбивал со македонскиот народ.

Еве го целосниот текст на отвореното писмо на адвокатот Станислав Станев:

„До
Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија
Вера Воврова, заменик претседател на комисијата и комисар за вредности и транспарентност
Оливер Вархеји, комисар за добрососедство и проширување
Габриел Ескобар, заменик државен секретар на САД за Јужна и Централна Европа
Дејвид Гир, постојан претставник на ЕУ во РС Македонија
Кејт Мери Брнс, амбасадор на САД во Скопје

Почитувани дами и господа,
Во РС Македонија е во тек скандалозен обид за репресија против интелектуалец кој што изразил различен став од ставовите на Владата. На Ким Мехмети, познат поет и писател од албанско потекло, претстои да му биде покренато обвинение затоа што јавно изразил позиција која не се совпаѓа со позициите на Владата во Скопје. Во суштина, обвинението е обид за заплашување на човек кој од долги години не се плаши да ги истакнува очигледните причини поради кои македонската држава не е во право во однос на својата позиција кон Бугарија.
Тој е етнички Албанец и власта не може да ја организира неговата социјална изолација (како што се случува со луѓето кои отворено го истакнуваат својот бугарски идентитет). Поради тоа за репресијата врз него е ангажирано Обвинителството.

Дами и господа,

Тоа што се случува (не само со Ким Мехмети) во РС Македонија е убав пример за тоа дека политичката класа во Македонија (власт и опозиција) не ги споделува европските вредности. Тоа се политичари кои веруваат во филозофијата на Југославија, согласно која секој што има различно мислење треба да биде смачкан.
Бугарија ја сака Македонија. Од двете страни на границата има многу роднини и поради таа причина Софија го постави прашањето за влез во ЕУ на Западен Балкан на дневен ред.
За да може една држава да биде подготвена за влез во ЕУ , таа треба да ги исполнува одредени критериуми. Дел од тие критериуми се почитувањето на вистината, слободата на мислата и изразувањето и врховенството на законот. Допуштањето на компромис од страна на ЕУ со тие основни вредности би било тешка политичка грешка.
Западот веќе допушти една слична грешка кога поверува дека Југославија се реформирала. Резултатот од таа грешка се виде во почетокот на 90-тите години на 20 от век. Политичарите на кои тогаш ЕУ им веруваше, го потопија со крв Балканот, 100 000 луѓе ги загубија своите животи а трагите од насилството можат да се видат насекаде. Денеска власта во РС Македонија продолжува да се восхитува на југословенското историско наследство и на тие кои го запалија и го одржуваа бранот на насилство.

Во оваа атмосфера на омраза се воспитува секоја генерација, а оние кои си дозволуваат да размислуваат поинаку се потиснати на различни начини: економски, социјални, политички, па дури и физички. Бидејќи во Македонија многу од нив немаат на кого да се потпрат (а лидерите на организациите за човекови права во земјава ја исповедаат истата филозофија и ве лажат во нивните извештаи), многу од нив молчат. Така, страдањето и кршењето на човековите права остануваат скриени од вас.

Сега Ким Мехмети е мета на репресивната држава.

Тој е етнички Албанец, што му дава одредена заштита, ако ништо друго, барем од социјална изолација. Но, репресијата против него е знак дека ЕУ и САД грешат во ставот кон Македонија. Грешката е што не ја познаваат тамошната средина и лесно се залажуваат од луѓе кои добиваат финансии од ЕУ и САД, а лажат. Спорот меѓу Софија и Скопје не е за историја. Спорот е за вистината и за заштита од репресијата што Скопје ја наметнува на секој што ја кажува вистината, вклучително и за историјата. Тоа е прашање за човековите права и вредностите на ЕУ. Ако Македонија стане дел од ЕУ со оваа државна филозофија, ќе ги зарази вредностите на ЕУ со омразата во која го воспитува своето општество. Европските даночни обврзници не заслужуваат со нивните пари да биде финансирана пропаганда на лаги и омраза. Македонските даночни обврзници, од кои многумина живеат во сиромаштија, не заслужуваат да бидат искористени за плаќање на лобисти и други измамници кои се обидуваат да ја лажат ЕУ дека македонските политичари се реформирани.

Ве повикувам да ја барате вистината преку извори за кои не е докажано дека лажат.

Ве повикувам да застанете на страната на вистината, а не на страната на лагите и репресијата.

Со почит, адвокат Станислав Станев, Доктор по меѓународно право и меѓународни односи“