Бугарската пратеничка Деница Сачева (EPP/CD) поднесе писмено прашање бр. 806 до Комитетот на министри на Советот на Европа, во кое бара преземање мерки за ограничување на насилството и говорот на омраза против припадниците на бугарската етничка заедница во Република Северна Македонија, јавува Трибуна.
Во прашањето се наведува дека Парламентарното собрание, Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) и Комесарот за човекови права примиле бројни извештаи за говор на омраза и инциденти на непријателство насочени кон лица кои припаѓаат на бугарската етничка заедница.
Се истакнува дека борбата против говорот на омраза и злосторствата од омраза е основна обврска на државите членки на Советот на Европа и бара властите да усвојат сеопфатни мерки, вклучително подигнување на свеста, обука на органите за спроведување на законот и судските власти, како и систематско собирање раздвоени податоци.
Според поднесеното прашање, досега не се забележани мерки од страна на властите на Република Северна Македонија за ограничување на насилството врз припадниците на бугарската етничка заедница.
Во извештајот на Собранието за пост-мониторинг дијалогот со Северна Македонија (Док. 16317, јануари 2026, став 96) се наведува дека, според извештајот на ЕКРИ од 2023 година, етничките Бугари понекогаш се жртви на говор на омраза, се нарекуваат „фашисти“ и се физички напаѓани. Извештајот се повикува на палењето на Бугарскиот културен центар во Битола на 4 јуни 2024 година и нападот врз секретарот на Бугарскиот културен клуб во Охрид на 19 јануари 2023 година.
Исто така се посочува дека на 2 ноември 2022 година парламентот го измени Законот за фондации и здруженија со цел да се поништи правната регистрација на организации на етничките Бугари, што отворило неколку правни прашања, вклучително и за ретроактивната примена на новите одредби.
Сачева го прашува Комитетот на министри дали е подготвен да ги повика властите на Република Северна Македонија да усвојат сеопфатни мерки за ограничување на насилството и активно да се борат против говорот на омраза и злосторствата од омраза против Бугарите, како и кои чекори ќе ги преземе во таа насока.























