Регионот може да биде лидер на новиот бран иновации, а Бугарија и Романија имаат добри основи за инвестиции во висока технологија и можат да привлечат светски играчи да го трансформираат секторот. Ова го изјави министерката за иновации и раст на Бугарија, Милена Стојчева, која учествуваше на бизнис форумот на иницијативата „Три мориња“ во Букурешт, јавува БТА.
Таа зборуваше за начините на кои може да се пополни постојната технолошка празнина во европските земји. Според неа, неопходно е да се изгради мрежа за координација меѓу поединечните земји, како и заеднички стратегии – не само национални, на ниво на одделни земји, туку и меѓународни.
„Бизнис форумот е историска можност за земјите од регионот и потенцијалните нови членки на иницијативата ‘Три мориња’ да ја променат својата перспектива за раст со инвестирање во дигитално поврзување“, истакна Стојчева и додаде: „Да размислиме каде сакаме да одиме – како земји, како регион, како Европа. Да се создадат рамки. И да се позиционира регионот како играч”.
Според министерката Стојчева, земјите од регионот треба да ги користат основите на своите економии, ИТ талентите и образованието карактеристични за Југоисточна Европа за промовирање на иновациите и инструментите како што се Инвестицискиот фонд, новосоздадениот Фонд за иновации, како и организации како што е Меѓународната банка за обнова и развој кои можат да помогнат во оваа насока.
„Денес заедно сме во историски момент и ова е добра порака. Моето министерство се вика Министерство за иновации и развој. Нашето министерство е министерство на иднината“, им се обрати Стојчева на присутните.
Таа учествуваше на панелот посветен на иновациите, заедно со нејзиниот романски колега – министерот за научно истражување, иновации и дигитализација Иван Богдан-Груја, со заменик-генералниот секретар на ОЕЦД Улрик Вестергард Кнудсен, претставници и експерти од меѓународни компании и невладини организации.