Бугарскиот премиер Росен Желјазков пристигна во Рим, каде што денес ќе има средба со премиерката на Италија Џорџа Мелони, јавува специјалниот дописник на БГНЕС во италијанската престолнина Катерина Танева, пренесува Трибуна.
Во текот на разговорите ќе се дискутираат меѓусебните односи и актуелни меѓународни теми.
Бугарската делегација, предводена од Желјазков, ќе оддаде почит со полагање на венци и свежо цвеќе пред бистата на Капетан Петко Војвода и пред споменикот на Иван Вазов. Венци ќе бидат поставени и пред споменикот на светите браќа Кирил и Методиј, сместен во дворот на бугарската амбасада во Рим, каде што ќе се одржи и официјален прием по повод 24 мај.
Во рамките на вториот ден од својата посета, премиерот ќе биде примен на аудиенција од Неговата Светост папата Лав XIV во Апостолската палата.
Посетата на бугарската делегација, потсетува БГНЕС, се совпаѓа со важни глобални процеси кои имаат огромно значење за мирот во Европа. По разговорот меѓу претседателите на САД и Русија, Доналд Трамп и Владимир Путин, стана јасно дека папата Лав XIV изразил подготвеност да биде домаќин на мировните преговори меѓу Русија и Украина.
Одлуката на водачот на Римокатоличката црква беше поздравена од светските лидери. Премиерот на Италија Џорџа Мелони, му се заблагодари на светиот отец за неговата непоколеблива посветеност на мирот.
Бугарија продолжува да ги поддржува напорите на Украина за воспоставување на праведен и траен мир. Ова го изјави премиерот Росен Желјазков за време на неговата средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски, на 16 мај во Тирана, каде што се одржа Шестата средба на врвот на Европската политичка заедница. Според премиерот Желјазков, воспоставувањето на мир не е само начин да се запре војната во Украина, туку и да се обнови нејзиниот територијален интегритет.
Желјазков ќе се сретне и со државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин. Во составот на официјалната бугарска делегација се вклучени министерот за култура Маријан Бачев, заменик-министерот за образование и наука Тања Михајлова, митрополитот Антониј и епископот на Софиската католичка епархија Петко В’лов.