Бугарските болници и служби за брза помош се на работ на издржливост поради наглото зголемување на бројот на заразени со коронавирусот.
– Не можеме да се справиме со оваа масовна зараза, рече портпаролот на службите за брза помош Катја Сунгарска во Софија.
На многу места, болниците се реорганизираат за да се создадат повеќе одделенија за пациенти со Ковид-19. Минатиот четврток имало 395 нови случаи на 100.000 луѓе во период од седум дена. Новата седумдневна стапка на инциденца се очекува да биде објавена утре.
Во Бугарија, земја со население од 6,9 милиони жители, денеска за 24 часа се пријавени 4.374 нови случаи на зараза со коронавирус, наспроти 3.502 минатата среда. Од почетокот на пандемијата во земјата од Ковид-19 починале 11.500 луѓе, од кои 107 само вчера. Бугарија се бори со третиот бран на пандемијата по олеснувањето на рестриктивните мерки на 1 март.
Иако во последните денови беа преземени мерки за запирање на ширењето на заразата на регионално ниво, Владата не планира да ги воведе на национално ниво. Областите најпогодени од пандемијата се градот Софија и регионот Бургас на Црното Море.