Бугарската амбасада во земјава испратила барање до Министерството за правда и министерот Бојан Маричиќ да се дозволи на советник во амбасадата да го посети бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, кој од март годинава се наоѓа во притвор во затворот во Шуто Оризари како обвинет во предметот Плацови на Водно, објави „360 степени“.

Како што информираат од овој портал, за ова денеска на рочиште во судот информираше судијата Илија Трпков, кој го води судскиот процес и даде согласност да се оствари таа посета.

-Има вербална нота доставена од амбасадата на Бугарија со барање до Министерството за правда да дозволи советникот Герман Ванчев да го посети државјанинот на Република Бугарија, Јордан Камчев. Од моја страна е дадена дозвола да се изврши таа посета исто како што беше и за Јан Фигел иако во документите тогаш имаше само фотокопија од негов дипломатски пасош, изјавил судијата Трпков, а пренесува „360 степени“. Посетата, според најавата, ќе биде на 5 ноември.