Бугарската информативна агенција БГНЕС го обвини македонскиот дневен весник „Нова Македонија“ во ширење на лажни вести.
Станува збор за „Четиријазичниот речник“ на Данаил Москополец издаден во далечната 1802 г. во Венеција.
На насловната страна на книгата авторот ги набројал четирите јазици на коишто истата е испечатена. Тоа се гледа и на објавената фотографија во весникот „Нова Македонија“ денеска: грчки, романски, бугарски и албански.
„Тоа се разбира не му попречило на македонскиот „научник“ Гане Тодоровски да ја објави за првата печатена македонска книга. Тој е познат по тоа што насекаде кадешто во документите пишува Бугари, бугарско, го менувал во Македонци, македонско. Сметаниот од властите во Скопје за најголем „филолог“, поет и литературен критичар“ немал проблем со тоа да го „помакедончува“, како што самиот кажува и творештвото на еден од најголемите преродбеници Григор Прличев“, стои во материјалот објавен од БГНЕС.
Од БГНЕС објавуваат фотографии од книгата на Прличев „Воспитание“ на издавачката куќа „Детска радост“ издадена во 1993 г. Уште на насловната страна стои следниот текст: „Книгата е подготвена, а стиховите се помакедончени од Гане Тодоровски“.
Во предговорот насловен „Збор два за помакедончувањето на песните за деца на Григор Прличев“, Тодоровски го пишува следното:
„Помакедончувањето или поточно домакедончувањето има за цел да ги направи делата на Прличев подостапни за нашите читатели, поради архаичниот јазик со кој македонските читатели тешко остваруваат контакт“. Според него овде не станува збор за превод или преразкажување, туку само за адаптација, која што ние ја нарекуваме чисто функционално помакедончување или домакедончување, за да може тој да комуницира со денешните читатели, коишто го користат македонскиот литературен јазик.
Гане Тодоровски оди уште подалеку во обидот да ја прикрие вистината пишувајќи го следното: „Слична методологија користат Руси, Германци, Французи и Грци“.
„Заради своите заслуги кон државата Гане Тодоровски беше првиот амбасадор на Р. Македонија во Руската федерација во 90-тите години на минатиот век“, пишува во материјалот на БГНЕС.
„Четиријазичниот речник“ денеска е многу ретка книга, но примероци од истата се чуваат во библиотеките во Виена, Атина, Букурешт и Софија.