Здружението „Хендикеп Плус“ денес во Штип ја промовираше новата активност во рамките на проектот „Заедно за инклузивна еднаквост“, финансиски поддржан од Бугарската помош за развој. Целта на проектот е подобрување на пристапноста на објектите од јавен интерес, кои секојдневно ги користат граѓаните со и без попреченост, јавува Трибуна.
Во рамки на проектот се таргетирани институции и објекти кои нудат различни услуги на граѓаните во општина Штип. Спроведен е и прашалник кој треба да даде јасна слика за актуелната состојба, како и за чекорите што треба да се преземат за обезбедување еднаков пристап и подобра општествена интеграција.
Дополнителните активности опфаќаат подготовка на анализа за пристапноста, како и изработка на Статутот на Општина Штип на Браево писмо, што ќе биде значаен придонес за слепите лица.
„Секоја година нашата програма за „Помош и развој“ располага со буџет од околу еден милион евра. Средствата се наменети за финансирање на различни проекти. Бидејќи сум нов на оваа функција, ова е моето прво директно соочување со реализацијата на оваа програма, но наскоро ќе ги презентираме сите нејзини можности,“ изјави амбасадорот на Република Бугарија во РСМ, Желјазко Радуков.
Со овие активности, Штип добива важен поттик во создавањето поинклузивна заедница, а проектот претставува значаен чекор кон практична реализација на правото на еднаквост за сите граѓани.
Видео: ТВ Стар