Бугарија забележа ново најниско ниво на одбивање на туристички и бизнис визи за Соединетите Американски Држави во рамките на американската финансиска 2025 година. Ова го покажуваат објавените денеска официјални податоци на Стејт департментот, пренесува Трибуна.

Постигнатиот процент од 5,11 — најнизок за земјата во последните речиси две децении — доаѓа веднаш по рекордниот пад регистриран во претходната финансиска година и јасно укажува на стабилен и видлив напредок во исполнувањето на еден од клучните критериуми за вклучување на Бугарија во Програмата на САД за безвизно патување.

„Постигнувањето на уште понизок процент на одбивања е сигурен чекор на патот кон реализирањето на оваа стратешка цел за нашата земја“, изјави министерот за надворешни работи Георг Георгиев. „Изразувам благодарност до бугарските граѓани за одговорниот, чесен и отворен пристап кон процесот на аплицирање во изминатата година. Само со заеднички напори на државата во исполнувањето на техничките критериуми и на апликантите за визи, кои пристапуваат подготвено кон овој процес, можеме да постигнеме успех“, додаде тој.

Првиот бугарски дипломат го припишува клучното значење за овој напредок и на ефикасната координација и заедничката работа со американските партнери, како и на засилената меѓуинституционална соработка во областа на безбедноста.

Со влегувањето во новата финансиска година за САД, Министерството за надворешни работи укажува дека при толку ниски вредности секое поединечно одбивање има влијание врз вкупниот национален резултат, кој не смее да го надмине потребниот праг од 3 проценти. Поради тоа, важно е секое барање за виза да биде внимателно подготвено, коректно поднесено и чесно претставено пред конзуларните служби на САД.