Бугарија ги исполнува сите критериуми за приклучување кон еврозоната – ова денеска го истакна австрискиот канцелар Кристијан Штокер на заедничка прес-конференција со бугарскиот премиер Росен Желјазков во Виена. „Убеден сум дека влезот на Бугарија во еврозоната ќе придонесе за поголемо единство и стабилност во Европската унија“, нагласи Штокер, пренесува Трибуна.

Канцеларот ја пофали Бугарија и за, како што рече, „многу успешното“ управување со заштитата на надворешната граница на ЕУ. „Тоа веќе не е спорно прашање помеѓу нас“, додаде тој.

Австрискиот лидер потенцираше дека двете земји имаат долгорочни пријателски односи и тесни економски врски. „Бугарија е клучен партнер за Австрија во борбата против нелегалната миграција“, рече тој.

Премиерот Росен Желјазков истакна дека Софија продолжува со интензивни напори за борба против криумчарските канали и нелегалната миграција. Тој информираше дека Бугарија интензивно работи на изградба на модерна анти-дрон технологија, како и на проширување на можностите за гранично надгледување со дронови, во координација со ФРОНТЕКС.

Во европски контекст, Желјазков рече дека Бугарија и Австрија делат слични ставови околу конкурентноста, безбедноста и енергетската диверзификација. „Нашата цел е Европа да стане поконкурентна – само преку раст можеме да се справиме со социјалните предизвици“, додаде тој.

Во однос на прашања од глобалната политика, премиерот изрази загриженост за ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток и истакна дека Европа е под постојан притисок поради повеќекратните кризи, вклучувајќи ја и војната во Украина.

На крајот од средбата, Желјазков изрази солидарност со австрискиот народ поради трагедијата во градот Грац, нагласувајќи: „Пријателите се тука и во радост, и во тага – Бугарија е вистински пријател на Австрија.“