Бугарија и Република Северна Македонија се договорија во најкраток можен рок да ја финализираат Спогодбата за изградба на прекуграничен железнички тунел што ќе ги поврзе двете држави. Ова беше договорено на средбата на заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Бугарија, Гроздан Караџов, и неговиот колега, заменик-претседател на Владата и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски. Средбата се одржа во рамки на Глобалниот форум за транспортно поврзување 2025 во Истанбул, соопшти бугарското Министерство за транспорт, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
На средбата беше нагласена важноста од изградба и модернизација на европските транспортни коридори, со посебен акцент на железничкиот и патниот Коридор 8, како предуслов за регионален економски развој и олеснување на транспортот и трговијата.
„Бугарија активно работи на реализација на Коридор 8. До крајот на јули ќе ја објавиме тендерската постапка за изградба на последните 2,4 километри од железничката линија помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, на границата со Република Северна Македонија. Сите постапки се завршени, а финансирањето во вредност од 69 милиони евра е обезбедено преку Програмата за транспортна поврзаност 2021–2027. До крајот на 2028 година бугарскиот воз ќе пристигне на Деве Баир,“ истакна министерот Караџов.
Тој потсети дека Бугарија ќе инвестира над 1,5 милијарди евра во модернизација на железничката врска од Софија до границата со Северна Македонија. „Оваа траса не е само обврска што произлегува од членството во НАТО и Договорот за добрососедство и неговите протоколи, туку и јасен знак за нашата искрена намера за пријателство меѓу луѓето од двете страни на границата,“ додаде Караџов.
Двајцата вицепремиери се согласија да одржат нова средба за усогласување на текстот на Спогодбата за изградба на железничкиот тунел. Исто така, беше договорено експерти од двете земји да учествуваат на состанокот што ќе го организира Европската комисија за Коридор 8 во јули.