Атанас Величков
Чекајќи го „белиот чад“ од состанокот на Македонско-бугарската мешовита комисија за историски и образовни прашања, што би требало да го означи најавеното „бугаризирање“ на забележете, одамна признаениот од светските историчари за бугарски цар Самоил, немајќи друга попаметна работа, ги следиме реакциите по објавувањето на резултатите од пописот.
Пописот, за чие спроведување на РС Македонија и беа потребни 20 години!
Опозицијата разбирливо изрази сомневање во однос на објавените резултати. Мицкоски го нарече пописот некомплетен, заради оние повеќе од 130 илјади граѓани, кои се попишани административно, со податоци земени од постоечките државни регистри и најави дека откако неговата партија дојде на власт ќе биде организиран нов попис, овој пат електронски. Координативното тело на турскиот народ за пописот си го одржа ветувањето дека нема да ги признае пописните резултати, ако Турците во земјата излезат помалку од 7%. Одлуката на координативното тело беше подржана и од официјална Турција. Абер стигна и од Софија. Во официјално соопштение бугарското МНР реагираше на драстичната неусогласеност меѓу податоците од пописот и податоците со кои располага бугарската држава за бројката од над 100.000 граѓани на РС Македонија, кои лично поднеле документи со кои го докажале своето бугарско потекло и самосвест за добивање бугарско државјанство.
Претходно со основани забелешки се јави и Петар Колев, лидер на бугарската партија во РС Македонија-ГДУ. Тој преку facebook и во неколку медиумски изјави во соседна Бугарија го изрази своето чудење, како е можно бројките на граѓаните што гласале за неговата партија на последните парламентарни избори во 2020 г. да се поклопуваат речиси „хируршки прецизно“со бројките од пописот. Да се потсетиме дека за партијата на Колев, на изборите во 2020 г. гласаа 3555 граѓани, а според резултатите од пописот во РС Македонија во делот на резидентно население, како Бугари се изјасниле 3504 лица.
Колев се сомнева дека таа бројка е спуштена „службено“. Логиката е многу едноставна, колку луѓе гласаа за бугарската партија- 3555, значи во РС Македонија има околу 3500 Бугари. Завршена работа. Во веќе подзаборавеното „едно општество за сите“ на поранешниот премиер Заев има место и за 3500 Бугари или за 0,19 % од попишаното резидентно население.
На што треба да внимава Софија, ако ја исклучиме можноста за некаков подмолен договор меѓу преговарачите.
На некоја паметна глава овде може да ѝ текне да игра на картата дека бројот на Бугарите е занемарлив и нема потреба истата да биде пречка за убавата европска иднина без граници со убави патишта и авиолинија. Бугарите мора да влезат во Уставот на РС Македонија, како дел од народ. И тоа треба да се случи пред почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ. На Владата во Софија треба да ѝ биде јасно дека, ако впишувањето се одложи во некоја недефинирана иднина (по завршувањето на преговорите, непосредно пред влезот во ЕУ), на следниот попис во РС Македонија нема да ги има ни овие 3500 луѓе, без разлика дали нивната бројка е реална или е „спуштена службено“.
На премиерот Петков треба да му биде јасно дека игнорирањето на Министерството за надворешни работи, кога се работи за РС Македонија, не му носи никакви поени. И сто пати да ја испрати својата советничка Чернева да потготвува терен овде за било што, единственото нешто што ќе го добие ќе бидат широките лицемерни насмевки слични на онаа што вчера ја имаше на своето лице „кметот“ на Куманово, Максим Димитриевски, кој е на отворени антибугарски позиции, нешто што му донесе и многу политички поени. Тоа не треба да се заборава.
Изјавите на популарниот Максо можат да се видат со едно најобично пребарување во Google, а за да бидеме докрај коректни, не треба да забораваме дека и поранешниот министер за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов индиректно помогна за изградбата на патриотскиот (антибугарски) ореол на кумановскиот кмет, давајќи му го орденот „100 години Прва светска војна“, што потоа „разочараниот“ добитник му го врати со едно патетично писмо и скромен подарок книга. Приказната можеше да биде далеку поинаква, ако да речеме Димитриевски му дадеше орден на Каракачанов, поради фактот што за време на воениот конфликт од 2001 г. Бугарија не само што даде тенкови, туку и донираше вода за кумановци, во периодот кога браната Липково, беше во рацете на познатиот командант Вентили.
Вчерашната изјава на Петков за тоа дека Бугарија нема дадено конкретен датум за повлекување на ветото за старт на преговорите на РС Македонија со ЕУ и дека треба да се завршат одредени обврски, дава некаква надеж, но од огромно значење е тоа да се исполни со содржина и што уште поважно бугарското Министерство за надворешни работи да не биде игнорирано во овој процес. Таму има далеку поголеми познавачи на сложените македонско-бугарски односи од Весела Чернева и од „аналитичарите“, кои редовно даваат изјави за македонските телевизии, како самоповикани експерти за малцински и други прашања.
Во однос на „бугаризацијата“ на царот Самоил, треба јасно да се каже од бугарска страна дека „двојна формула“ од типот бугарски и македонски цар е неприфатлива. Не треба да се влегува во замката на југословенскиот термин дводомен автор, којшто официјалната научна фела во РС Македонија го користи за генијалниот раскажувач и романсиер Димитар Талев. Цар Самоил не смее да се претвори во дводомен владар, а истото важи и за останатите историски личности, кои се бореле за автономија и независност на поробена Македонија, но исто така и јасно го изјавиле своето бугарско етничко потекло.
Оние 3500 луѓе, (ако ја прифатиме таа бројка без резерва) кои се изјасниле како Бугари на пописот исто така не можат да бидат наречени дводомни. Тие си имаат дом и ако РС Македонија навистина сака да се покаже како држава подготвена за влез во ЕУ, треба да ги запише во списокот со останатите станари во нашата замислена заедничка станбена зграда. Се останато е фрлање на песок во очи и веќе добро познатото лицемерие.