Бугарите продолжуваат да купуваат недвижности во Северна Грција, откако Бугарија стана дел од Шенген зоната и по копно, јавува БНР. Од регистрираните трансакции минатата година од странци кои купиле недвижности, на второ место се бугарските државјани. Тие најчесто купуваат недвижности во ценовен ранг до 150 илјади евра за одмор. Неколку од трансакциите вредат повеќе од 400 илјади евра, велат агентите за недвижности од Халкидики.

Во Солун, Бугарите главно купуваат станови за издавање. Се бараат населби каде што има побарувачка од страна на станарите. Има трансакции со цени до 3000 евра по квадратен метар во новоизградени згради.

Регионот околу Кавала исто така е интересен за инвестиции од страна на Бугарите, велат агентите кои работат во овој дел на Грција. Се купуваат недвижности главно за одмор на сопствениците, но и со можност за сезонско изнајмување.