Пишува: Петар Колев
Немаме заедничка историја со Бугарија, нели господине Александар Пандов?
Атанас Бабата е роден во село Синитево, близу до град Пазарџик. Рано останува сирак и се насочува кон шивачкиот занает. Работи како калфа во Пазарџик, а подоцна во Софија.
Неговите врсници го нарекуваат Бабата заради неговото крупно тело и најмногу заради неговата голема глава. Во Софија темпераментниот млад човек влегува во Унтерофицерското училиште и во 1897 година станува член на ВМОРО.
Атанас Бабата, заедно со Марко Лерински, Христо Чернопеев и Михаил Апостолов – Попето, е еден од луѓето кои Гоце Делчев ги испраќа како први воени инструктори во Македонија.
Во 1897 година Атанас Бабата се вклучува во четата на Антон Бозуков и заедно со четите на Гоце Делчев и Кочо Муструкот ги обиколуваат Драмско и Серско, за да го организираат населението и да собираат средства за ВМОРО.
Во почетокот на 1901 Атанас Бабата веќе е помошник војвода во четата на Петар Јуруков, која дејствува во Тиквешко, а подоцна истата година е назначен за самостоен војвода.
Учествува во прочуената Афера Мис Стон заедно со Христо Чернопеев, Јане Сандански, Сава Михајлов, Крсто Асенов и Андон Ќосето, која дава голема популарност на македонската борба пред европската јавност.
За време на Илинденското востание четата на Атанас Бабата дејствува во Кратовско, каде води неколку тешки борби со многуилјадна турска војска.
По востанието Атанас Бабата се враќа во Софија заедно со поголем дел од раководителите на Организацијата. Меѓутоа уште во март 1904 година тој повторно влегува во Македонија како предводник на чета.
Тоа се првите чети, кои Организацијата ги испраќа во Македонија по востанието – четата на Боби Стојчев – за Скопско и на Атанас Бабата – за Кратовско.
Во новата ситуација по Илинденското востание, Организацијата започнува повторно да ја возобновува револуционерната мрежа и да создава комитети. Основниот проблем, кој се исправува пред Атанас Бабата е засилената српска пропаганда во Кратовско.
Србоманите се ставиле во услуга на турските власти и повеќепати ги предаваат четите на Организацијата. После едно такво предавство на 11 јули 1904 година четите на Атанас Бабата, Славејко Арсов и Стојан Донски се опколени кај село Горно Ѓуѓанци, Светиниколско. Борбата траела шест часа. Турците употребуваат артилерија и кавалерија, но четите успеваат да го пробијат кордонот и да се извлечат, при што загинуваат околу 20 четници, а ранетиот војвода Славејко Арсов се самоубива.
Набрзо српската шпионска мрежа е откриена, донесени се смртни пресуди, кои се исполнети од кратовската чета на Атанас Бабата. Имено, откако Атанас Бабата добил информации дека четите биле поткажани од србомани од селото Кокошиње, на 6 август неговата чета влегува во ова село и убива 53 селани. Нивните трупови биле оставени на сред село и била оставена белешка дека се убиени како одмазда за убиените четници на ВМОРО.
На 2 јануари 1905 година над село Кнежево, Кратовско, се одржал конгрес на Скопскиот револуционерен округ. За членови на окружното раководство на Скопскиот реон се избрани Даме Груев, Ефрем Чучков, Крсто Б’лгаријата, Мише Развигоров и Атанас Бабата.
На 25 јуни 1905 година меѓу селата Куклица и Пендак четата на Атанас Бабата попаѓа на турска потера. Војводата ја изнесува четата од 21 души на врвот Видин и зазема одбранбена позиција. Врвот е опсаден од неколку илјадна турска војска и башибозук. Борбата започнува околу 10 часот изутрината, но и покрај нерамноправноста на силите, четниците ги одбиваат сите напади.
Од Куманово пристигнува и кавалерија од два ескадрона, но и таа не успева да ги преземе позициите на револуционерите. Подоцна од Куманово доаѓа и планинска артилерија, која започнува да стрела кон врвот и положбата на четата станува критична. Нападите на аскерот се обновени, но комитите ги одбиваат.
Најкритичниот момент настанува кога привршуваат патроните. Тогаш четниците ги кршат своите пушки, ја уништуваат архивата и ја зачувуваат последната бомба за себе. Нерамната борба завршува со херојска саможртва, слична на борбата на Ножот. За да не паднат живи во рацете на Турците четниците самите се убиваат. Последен ја активира својата бомба војводата.